Како и во светот, така и во Македонија се користат два општоприфатени методи на истражување на јавно мислење. Тоа се телефонските и теренските анкети. Теренските овозможуваат поголема доверба кај граѓаните, па од тој аспект резултатите од нив се сметаат за пообјективни. Телефонските анкети се спроведуваат многу побрзо, за пет до седум дена, но бидејќи отсуствува личниот контакт со анкетарот, довербата во нив е понамалена, објаснува претседателот на Институтот за демократија и граѓанско општество „Социетас Цивилис“ Марко Трошановски. Искуствата покажуваат дека не е непознато проценките на некоја анкета да се промашени, односно да не одговараат со изборните резултати.
„Причината е јасна и е голем проблем за сите агенции, вклучувајќи го и Државниот завод за статистика, како најголема државна агенција за истражување, а тоа е застареноста на статистичките податоци за популацијата. Како што знаете веќе 16 години немаме попис, и тоа е огромен недостаток. Не знам држава во регионот или во Европа којашто има толку стара пописна база, а таа база е основата врз којашто сите примероци се прават“, вели Трошановски.
Токму немањето на ажуриран список на статистички податоци, ги доведува во ситуација агенциите, примероците да ги прават врз база на проценки и претпоставки, па оттука е поголема веројатноста за пропусти и грешки во истражувањето.
И агенцијата „Рејтинг“ најчесто го користи методот „лице в лице“, односно теренските анкети за политички и социјални теми на коишто најчесто работи. Покрај теренската анкета агенцијата користи и други индикатори кои директно или индиректно влијаат на политичкото определување на изборите, објаснува директорот на агенцијата Никола Спасов. Тој додава дека грешките кои агенциите ги прават во однос на одредени проекции кои се покажале како промашени, се нормална работа, бидејќи испитувањето на јавно мислење за политика е комплексно, а методологијата постојано треба да се приспособува на политичкиот контекст.
„Оттаму при адаптација на методологијата или при применување на нови методологии на секој изборен циклус може да се случи да се направи погрешна проценка или да се искористи погрешен индикатор при процената и тоа да доведе до погрешна прогноза на изборите. Нашата агенција конкретно во 2014 година направи поголема грешка за претседателските избори, која веднаш потоа ја лоциравме за да на наредните избори бидеме попрецизни во рамки на статистичката грешка, но тоа е процес на созревање на агенциите и подобрување на методологијата“, вели Спасов.
Но, за разлика од САД, каде што покрај традиционалните анкети, се користат и стручни анализи од експерти и трендовите на социјалните мрежи како извор на информации, а со цел да се добијат пореални и попрецизни проекции, кај нас сè уште ваквите трендови малку се применуваат. Сепак, ваквата прогноза се базира на софистицирани алгоритми на предвидување на резултатите што подразбира сериозен кадровски и софтверски капацитет.
Во последно време социјалните мрежи стануваат важен извор на податоци, па токму затоа американски компании кои ги вршат истражувањата на јавното мислење ги вклучуваат и нив во создавањето на анкетите. Потребата од зголемена свест за јавно информирање за актуелните прашања и проблеми во општеството ја нагласува и младиот Горјан Јовановски, софтверски инженер, еко и граѓански активист кој е креатор на апликацијата „Мој воздух“ и веб страницата „Да разјасниме“, со цел на еден лесен и едноставен начин да ги претстави фактите околу одредени прашања со незаземање една или друга страна при нивно објаснување.
„Многу е битно младите да се и заинтересирани и информирани околу прашањава зошто тие не засегаат нам. Значи како што велат младите се иднината на државата, ако ние не сме заинтересирани и не сме вклучени во дебатата и во донесување на овие одлуки ние немаме никаква контрола врз нашата иднина и врз иднината на земјата, така да многу е битно да не само се интересираме туку и активно се вклучуваме во решавање на овие прашања“, вели Јовановски.
Упатените во оваа област, се свесни дека не секогаш испитаниците се искрени во своите одговори, особено кога станува збор за анкетите со политичко-партиска тематика, но уверуваат дека постојат начини и методи како се балансираат неискрените одговори со крајните проекции на резултатите.
Искреноста на граѓаните е особено чувствителна кога станува збор за телефонските анкети на јавното мислење кои во јавноста се презентираат како анонимни, но кај граѓаните раѓаат чувство на сомнеж, па оттука тие не им веруваат на резултатите до кои дошле. Повеќето граѓани кои ги прашавме по случаен избор велат дека одбиваат да одговараат на прашања по телефон, најчесто затоа што немаат доверба кон оној од другата страна.
„Јас за себе одговарам како што е, за другите не знам.“
„Не се искрени луѓето, не се.“
„Зависи од прашањето, дали ќе се искрени или не.“
„Луѓето многу малку сакаат да одговараат на анкети во денешно време.“
„Тоа што јас го кажувам го верувам, меѓутоа не сум сигурен дали тоа што луѓето го кажуваат во тие анкети го мислат“, велат дел од анкетираните граѓани.
Tелефонската анкета не може да биде анонимна како тип, зошто некој треба да го знае вашето име за да дојде до телефонскиот број. Оттука не може да сметаме дека луѓето се искрени кога учествуваат во ваквите истражувања, вели комуникологот и истражувач Александар Цветкоски.
„Луѓето се тесно поврзани со политичките партии во секојдневниот живот и сите замислуваат дека ако кажат нешто тоа би може да се одрази на нивниот статус во општеството, дека може да им се одрази ако зборуваат лошо ако зборуваат нешто против власта или некоја личност и од политичка партија. Значи калкулираат. Колку е повисоко на скалата во општество, толку повеќе калкулира“, вели Цветкоски.
Довербата на граѓаните во истражувањата на јавното мислење
Неретко, довербата во анкетите се нарушува и поради случаите на наместени или нарачани анкети од страна на одредена политичка опција. Трошановски вели дека најчесто критикуваат тие на кои не им се допаѓаат анкетните резултати, а граѓаните може да избираат на која агенција ќе и веруваат во согласност со нејзината репутација.
Спасов, пак, вели дека стравот од јавно изјаснување во анкети најмалку зависи од довербата во агенциите или во самите анкети, туку од тоа колкаво е нивото на демократија и степенот на слобода за јавно искажан став за одредено прашање.
Како точно може да се предвиди резултатот од некое гласање?
Во Соединетите Држави е претставена нова алатка пред делумните избори таму. Таа ќе ги спојува традиционалните анкети, експертските мислења и содржините на социјалните медиуми во надеж дека ќе ја подобрат точноста, две години по изненадувачката победа на Доналд Трамп.
Гоце Атанасов
Жените и добростоечките републиканци од предградијата во САД ќе играат решавачка улога во борбата против лојалистите на Доналд Трамп на среднорочните избори за Конгресот во ноември годинава. Ова го покажува новата алатка на Ипсос Паблик афеарс, фирма која се соочува со нејзиниот прв поголем тест по победата на милијардерот во 2016 година.
Влегувањето на Трамп во Белата куќа ја изненади целата избирачка индустрија, бидејќи изборните метеоролози предвидуваа сигурна победа на Хилари Клинтон. Годинава, со цел да се добие посеопфатен поглед на сложениот електорат, Ипсос користи амалгам на три извори на информации - традиционални анкети, стручни анализи од Универзитетот во Вирџинија и трендови на социјалните медиуми. Станува збор за нова алатка, бесплатно достапна онлајн, која деновиве беше презентирана во Вашингтон.
Имаше широка дебата за тоа зошто толку многу анкетни организации ја промашија проценката пред две години.
„Тоа беше, бидејќи пазарот, генерално, зависеше од еден единствен влог, а тоа беа анкетите“, вели Клиф Јанг, претседател на Ипсос за АФП.
„Оваа алатка, алатката што ја развивме, го претставува тоа, претставува перспектива или пристап со повеќе инпути. Имаме експертско мислење, имаме анкети и имаме социјални медиуми. Секој од тие извори на податоци може да се процени одделно и аналитичарот сам може да дојде до свои заклучоци во врска со исходот“, вели тој.
Ипсос ќе следи повеќе од 400 изборни трки, закажани за 6 ноември, користејќи ја својата нова алатка за анкетирање на 10 илјади потенцијални гласачи неделно, проценки на десетина професори по политички науки и до 5,5 милиони мислења споменати на социјалните медиуми дневно. На фронт за социјални медиуми, Ипсос, преку употреба на комплексни алгоритми, ги анализира трендовите во онлајн-разговорите кои даваат увид во разбирањето на клучните прашања за гласачите во 2018 година.
„Социјалните мрежи се одличен инструмент од перспектива на податоци и ни помага да предвидиме што ќе се случи, со сите свои предности и минуси. Тоа е важен извор на податоци, но исто така е извор на податоци кој ни дава контекст и значење зад она што се случува“, посочува Јанг.
Тој вели дека станува збор за три теми, освен се разбира личноста на претседателот Трамп. Тоа се: здравствена заштита, имиграција и работни места.
Мошне свесен за мешањето на Русите на последните американски претседателски избори, вклучувајќи го и ширењето на лажни или запалливи новински извештаи на социјалните медиуми, Ипсос води сметка и да ги избегне „ботовите“ или автоматските сметки, најчесто надвор од Соединетите Држави.
Како и да е, според Јанг, сите три методи посочуваат дека ќе биде силна година за демократите. Но, како што додава, прашањето е колку голем ќе биде бранот“. Јанг додава дека вообичаено партијата која е на власт во Белата куќа обично губи места на делумните избори за Конгресот. Во ноември се гласа за 435 места во Претставничкиот дом и за околу една третина, или 35 места на 100-члениот Сенат. И двата дома во моментов се под контрола на републиканците. Исто така ќе се гласа и за гувернери на 36 сојузни држави, како и за бројни државни и локални места.