Со 300.000 војници, околу 36.000 воени возила и повеќе од 1.000 авиони од руките источни и централни воени единици и руската Северна флота, оваа воена операција, е најголемата во Русија од 1981 година.
На вежбата под името „Восток 2018“ или „Исток 2018“ учествуваат и над 3.000 кинески војници и 30 кинески борбени авиони и хеликоптери.
Тоа е досега најголемиот контингент на кинеската Народна ослободителна армија на една воена вежба во странство.
Над илјада парчиња кинеска воена опрема пристигнала во Русија уште во август минатата година и оттогаш биле спроведени неколку воени обуки.
„Восток 2018“ се одвива во време на зголемени тензии меѓу Западот и Русија, а НАТО соопшти дека внимателно ќе ја следи вежбата.
Иста претпазливост изразија и Соединетите Држави кои имаат силно воено присуство во Азиско-пацифичкиот регион.
Руското Министерство за одбрана деновиве тоа го демантираше.
Валери Герасимов, началник на Генералштабот на вооружените сили на Русија изјави:
„Сакам да нагласам дека маневрите не се насочени против други земји и тие се во линија со нашата воена доктрина, која е дефанзивна“.
Истото го повтори и заменик министерот за одбрана Александар Фомин:
„За жал, некои западни медиуми шпекулираат дека оваа руска вежба е агресивна и насочена кон земјите на НАТО и ЕУ. Сакам да го свртам вашето внимание кон евидентниот факт дека ниту во минатото, ниту во тековните вежби на руската армија, нема ни најмала индикација за анти НАТО насока или агресија“.
Маневрите ќе траат до 17 септември и во нив се вклучени операции како на пример распоредување дополнителни сили на далечниот исток на Русија, тренинг на руската северна и пацифичка флота и спроведување напад и контранапад на одредена територија.
Според руските и кинеските воени претставници, оваа воена вежба не е само тест за менталната издржливост на војниците, туку и за техничката издржливост на опремата.
Кина и Русија и досега спроведуваа заеднички вежби, но не и во толку голем обем, а вежбата „Восток 2018“ сигнализира поблиски воени врски меѓу двете земји, но и претставува своевиден потсетник на Пекинг дека Москва е способна и подготвена да ја брани својата ретко населена област на далечниот исток.
И додека траат руско кинеските воени игри претседателите на двете земји Владимир Путин и Си Џинпинг ги покажаа нивните вештини во готвење.
По разговорите во рускиот град Владивосток Путин и Џинпинг, во кујнски престилки пржеа традиционални руски палачинки, познати како блини, и ги пробаа со морски специјалитети, вклучувајќи црвен и црн кавијар.
Сето тоа беше проследено на вообичаен руски начин, со руска вотка.