Местото и датумот на самитот беа објавени во синхронизирани изјави од Москва и Вашингтон, при што Белата куќа соопшти дека двајцата претседатели ќе разговараат за односите меѓу двете земји и за голем број национални безбедносни прашања.
Даниел Курц Фелан, извршен уредник на „Форин афеарс“, списание на Советот за надворешни односи, вели дека се потребни големи подготовки на сите нивоа за да се осигура дека средбата ќе биде успешна.
Според него, има неколку области врз кои сериозно треба да биде ставен фокусот: Сирија, Украина и контролата во вооружувањето и нуклеарното оружје.
Но, тоа како што вели, ќе му даде можност на Путин да го поправи својот имиџ.
„Тоа ја создава оваа слика дека САД и Русија заеднички ги решаваат најголемите проблеми на глобалната сцена и двете од нив како еднакви. И тоа е огромна помош за Путин во време кога, знаете, руската власт на долг рок е во опаѓање и тој се обидува многу, многу напорно да обезбеди дека ја задржува централната улога во секој од овие конфликти и оти тој го направил тоа многу добро“.
Трамп и Путин се состануваат во момент кога во САД се води специјална истрага за можните врски на претседателската кампања на Трамп со руски официјални претставници.
Оваа истрага ги зголеми тензиите меѓу Москва и Вашингтон во време кога Трамп повторува дека сака да изгради силни лични односи со Путин.
Меѓутоа, токму овие односи меѓу Трамп и Путин одамна се извор на интриги, и дома и во светот.
Трамп неколку пати го пофали неговиот авторитарен колега, во истовреме додека тој ги затегнува врските со најблиските американски сојузници.
Тајмингот на состанокот, најверојатно, нема да придонесе за олеснување на загриженоста во Европа.
Тој доаѓа на крајот од неделната европска турнеја на Трамп во Европа, која започнува во Белгија на самитот на НАТО алијансата која пак, се соочува со можна руска агресија во нејзиното срце.
Курц Фелан смета дека добар состанок на НАТО ќе ја зајакне раката на Трамп кога ќе се упати кон самитот во Хелсинки.
„Ако Трамп отиде на самит на НАТО, кој би бил добар и излезе со сериозна усогласеност меѓу САД и нивните европски партнери, тоа ќе му даде потпора во преговорите со Путин“.
Курц Фелан верува дека ако Трамп го поткопа НАТО, тоа ќе и биде од корист само на Москва.