Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повтори синоќа дека оваа партија не го прифаќа Договорот од Преспа, но оти смета дека секој граѓанин на претстојниот референдум треба да постапи по сопствено убедување.
По неколкучасовниот состанок на Централниот и Извршниот комитет за ставот на најголемата опозициска партија спрема референдумот Мицкоски на прес- конференција, меѓу другото, рече: „Македонија ни е сè, нема за тоа да решаваат партиите. За националното прашање ќе решава нацијата, а сите ќе се поклониме пред одлуката“. рече Мицкоски.
Тој повтори дека ВМРО - ДПМНЕ е за ЕУ и НАТО, но е силно против Договорот со Грција, бидејќи, како што рече, не ги одразувало интересите на Македонија.
На 19 дена до референдумот закажан за 30 септември опозициската партија имаше четири опции.
ВМРО-ДПМНЕ е во незгодна ситуација и ниту една од овие варијанти не е добра, смета Александар Кржаловски, извршен директор на МЦМС.
1. Да немаат став
Опцијата да го повикаат членството да се изјасни по сопствено убедување е се повеќе во игра откако и претседателот на партијата Христијан Мицкоски пред десетина дена на митинг во Кичево праша „кој бил тој да му кажувал на народот што да прави”.
И покрај ваквата изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за можно одбегнување на директен повик до своето членство, сепак и тој самиот, а и партиските челници секојдневно им кажуваат на граѓаните дека Договорот со Грција го сметаат за капитулантски, а референдумското прашање збунувачко.
Кржаловски, кој се повикува на испитувањата на јавното мислење што ги објавиле во почетокот на август и сега, смета дека поверојатна е опцијата да ги повикаат симпатизерите да се однесуваат по сопствено уверување, отколку да гласаат против.
Во анкетата објавена во почетокот на август околу 50 отсто од нивното членство биле за гласање против, 40 отсто за бојкот и само 6 отсто за гласање „за”, вели Кржаловски, споредувајќи дека сега на последната анкета, речиси 90 отсто од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле дека се за бојкот.
„Тоа значи дека членството веќе, дали заради активна работа на партиските органи во тој еден месец колку што помина меѓу двете анкети, или заради самата кампања бојкотирам, бидејќи немаше друга активна кампања, а дури и кампањата „за” беше млака, членството во најголем дел веќе се определи за бојкот. Можеби ќе се следи таа логика, иако сметам дека јавно не можат да кажат дека се за бојкот, па по извесната опција е повторно да не одлучат и да повикаат секој да постапи по своето убедување”, вели Кржаловски.
2. Да повикаат да се гласа против
Оваа опција според политичкиот аналитичар Петар Арсовски е теоретски возможна и би можела да се случи само како резултат на притисокот на претставниците на меѓународната заедница. Но и тој смета дека сепак ВМРО-ДПМНЕ нема да ја одбере таа варијанта.
„Не верувам дека Мицкоски толку ќе го отуѓи тврдото крило на неговата партија повикувајќи да се гласа против, бидејќи де факто излегувањето и гласањето против ќе му даде легитимитет на референдумот, а неизбежно гласовите „за“ ќе бидат повеќе“, вели Арсовски.
3. Бојкот
И двајцата аналитичари сметаат дека варијантата повик на бојкот нема да се случи, најмногу поради ставот на западната меѓународна заедница.
Германската канцеларка Ангела Меркел викендов при посетата на Скопје рече дека на Мицкоски ќе му пренесе порака дека „во една демократија за клучните прашања постои национална и заедничка одговорност“. По средбата со него која не траеше повеќе од 30 минути Мицкоски не коментираше што му кажала канцеларката. Слични повици „да се излезе и да се гласа” од Скопје упатија и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, австрискиот канцелар Себастијан Курц, американскиот сенатор Рон Џонсон, a такви апели стигнуваат секојдневно.
„Не смеат да повикаат на бојкот, бидејќи се под притисок на меѓународната заедница и мислам дека немаат добра опција во таа смисла, а повикот секој да постапи по сопствено убедување е повеќе повик за бојкот, отколку да се гласа против”, вели Арсовски.
4. Да се гласа „ЗА“
Одлука на ВМРО-ДПМНЕ да го повика членството да гласа „за“ е неочекувана со оглед на честите критики на договорот од Преспа што доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ.