Отсекогаш Македонците важеле за гостопримлив народ, но сега како нешто да се менува. Посетите на високите гости од Европа и од САД, германската канцеларка Ангела Меркел, канцеларот на Австрија Себастијан Курц и на сенаторот и специјален советник на претседателот Доналд Трамп, Рон Џонсон на земјава, како поддршка на Република Македонија пред референдумот, а по Договорот за името со Грција, наидуваат на негативни реакции, пцовки и колнења што човек дури не може да ги замисли. За Миле Мики Лазаровски, Џонсон дошол „со уцена и недемократски да го убедува народот како да гласа“, а Нада Кокаловска Попова постирала: „Бојкот на референдумот!“ Рајко Најков, пак, кратко напишал: „Бојкот на бојкотот!“, а Алајдин Ибраими вели: „Или во Европа или ние во Европа ќе идеме па тогаш нема што да смениме“.
На пораката на канцеларката Ангела Меркел граѓаните да не седат дома и да излезат на гласање, а дека таа не сака да им се меша во тоа како ќе гласаат, Борис Апостолов постирал: „Ќе одиме на пикник! Нема да седиме дома!“ Марјан Теовски, пак, порачува: „Одете копајте лојзе, ние 1 милион Македонци ќе си гласаме раат за Македонија во ЕУ и НАТО, Меркел секоја чест за тебе“. А по ова, пораката на Влатко Коле Шалја: „Што повеќе се трудат, тоа поголем отпор се создава!“
Прославата на Денот на независноста – 8 Септември и пораката на премиерот Зоран Заев до граѓаните дека е „време за европска Македонија и запечатување на независноста на 30 септември, јазикот и македонската националност се потврдени за век и векови“, како да не допираат до противниците на референдумското изјаснување, па Јане Јанев коментирал: „На детски роденден има 5 пати повеќе луѓе од тука. Брука предавничка!“, ама за Горан Тасев: „Има многу народ, многу...“
По видео снимката на РСЕ од славењето на 8 Септември на Движењето Бојкотирам со знамиња на ѕвездата од Вергина пред Собранието на Македонија, Дардан Лума забележува: „Овие што бојкотираат се предавници и не ѝ сакаат арно на Македонија“, а Игор Миленкоски прашува: „Кај се младите?“ Александар Дивчов иронично одговара: „На гроздобер во Италија“. Бранко Ангелов исто така со прашање на нашата ФБ страница: „Кој го инвестира овој маскенбал?“ Рајко Најков со одговор: „Гвујо & фемили“ Киро Николовски спомнува делови од долната облека: „Поарно маскенбал отколку симињање гаќи за да се задоволат овие европски хиени“, на што Лаки Ламалари, очигледно испровоциран, со потсетување коментира: „Гаќите од 500 евра ги носат ВМРО-чињата, како на пример Ивона Талевска“.