Вести
Заврши спасувачката операција, 43 загинати во урнатините на мостот во Џенова
Спасувачката операција за исчезнатите под урнатините на надвозникот Моранди во Џенова, кој се урна во вторникот, заврши, а официјалната бројка на загинати е 43 лица, јави АП.
Деветмина повредени се заджани во болница, од кои четворица се во критична состојба, соопштија локалните власти. Спасувачите оценуваат дека нема повеќе загинати лица, но имаат задача да го обезбедат местото на несреќата и да помогнат да се установат причините за трагедијата.
види ги сите денешни вести
Скопјанка чекала дете 37 години, го роди на 61
Жена од Скопје на 61 години роди здраво машко дете откако 37 години неуспешно се обидувала да остане трудна, објави директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), Ирена Алексиоска Папестиев, на прес-конференција на 26 ноември.
„Во светот на медицината повеќе не постојат граници, и медицината во Македонија може да се мери со онаа во светот. Ова пациентка е прва која е останата бремена со сопствена јајце клетка што била замрзната, која добила ин - витро третман во нашата држава и целата бременост била следена во нашата држава, а породувањето е извршено на ГАК“, рече Алексиоска Папестиев.
Бебето се вика Петар и заедно со мајката денеска се пуштени дома. Директорката на ГАК рече дека овие родители не се откажале од својот сон, не потклекнале на неуспесите, на притисоците од околината и на предрасудите со кои живееме.
Мајката имала богато акушерско минато - имала десет неуспешни ин-витро оплодувања и десет спонтано абортуси. Имала и три претходни гинеколошки интервенции од кои две во Белград, а една на ГАК во Скопје. Во текот на бременоста која била контролирана имала висок притисок и дијабетес, но на крајот сѐ поминало во најдобар ред.
Таткото има 65 години, е во пензија и рекол дека тој ќе се грижи за бебето.
Во регионот, највозрасната жена која родила дете е од Србија, но со донирана јајце клетка. Во Индија има случај на прворотка и на над 70 години.
Турција побара од САД да биде изземена од санкциите за рускиот гас
Турција преговара со Соеднетите Држави за изземање од санкциите против Русија за да продолжи да купува руски гас, изјави министерот за енергетика Алпарслан Бајрактар.
Говорејќи по состанокот на владата, Бајрактар посочи дека одлуката на САД да воведат санкции за Гаспромбанк, делумно во сопственост на гасната компанија Газпром, може да создаде проблеми за Турција.
„Можеме да ги почувствуваме последиците. Нема да можеме да платиме, а ако не можеме да платиме, нема да можеме да купиме гас. Нашето Министерство за надворешни работи продолжува со преговорите за ова прашање“, рече тој.
Министерот нагласи дека на неговата земја и е потребен гас за да ја обезбеди побарувачката и потсети дека исклучок за гасот е применет со санкциите против Иран.
„На нашата индустрија и треба гас. Како што знаете, имаше санкции против Иран во минатото, но имаше исклучок за природниот гас. Ние сакаме таков исклучок од САД и за рускиот природен гас“, рече министерот.
Бајрактар вели дека не ја разбира администрацијата на Бајден во заминување.
„Остана уште месец и половина. Негативната страна е што е тешко да се укинат овие ембарга преку ноќ. Ако Турција не добие изземање, целта не е Русија, туку Турција. Нели е така?“, праша министерот.
Турција не воведе санкции против Русија и наведува дека сè уште се потпира на руските енергетски испораки.
Бојко Борисов ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, соопшти дека со олеснување ја повлекува својата кандидатура за премиер на Бугарија.
„Не сакам веќе да се занимавам со оваа разрушена држава. Категорично ја повлекувам кандидатурата. Чекаме премиер со еквидистанца“, изјави Борисов на прес-конференција, додавајќи дека веднаш ќе го врати мандатот кога ќе го добие.
„Ги добивме неопходните одговори и тие покажуваат дека во мене не гледаат добар лидер или премиер“, објасни Борисов, осврнувајќи се на ставот на „Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија“.
Тој истакна дека нема да се занимава со проблемите кои, како што рече, биле создадени во последните четири години.
„Говорат за премиер со политика на еквидистанца. Кажете го тоа име, јас сакам да се натпреварувам со него. Зошто не го ставија името на маса? Но, никој не кажува кој е,“ нагласи Борисов.
Инаку Борисов инсистираше на тоа дека и претседателот на парламентот и премиерот во евентуалната идна влада треба да бидат од ГЕРБ. Во понеделникот за прв пат дозволи претседателот на Собранието да биде од друга партија, но рече дека нема да отстапи од тоа да биде премиер.
ПП-ДБ постојано повторуваше дека за нив е неприфатливо Борисов да биде премиер. Претходно тие побараа и лидерска средба со ГЕРБ, но Борисов одби лично да учествува на таква средба.
Извршниот комитет на ГЕРБ вчера (25 ноември) ја потврди претходно донесената одлука дека лидерски преговори ќе се одржат само доколку се водат за формирање мнозинство и редовна влада.
На 27 октомври се одржаа седмите предвремени парламентарни избори во последните три години. Победник беше ГЕРБ со 69 пратеници, потоа ПП-ДБ со 37, „Преродба“ со 35, „ДПС - Нов почеток“ со 30, БСП со 20, АПС со 19, „Има таков народ“ (ИТН) со 18 и MECH со 12 пратеници. ГЕРБ ќе добие мандат од претседателот Румен Радев за формирање влада, а потребни и се уште најмалку два коалициски партнери за да има парламентарно мнозинство.
Претходно во 2023 г ГЕРБ и ПП-ДБ постигнаа компромис за заедничка влада на ротирачка основа. Во март 2024 година, кога се очекуваше Марија Габриел да ја преземе функцијата премиер од Николај Денков (ПП-ДБ), ГЕРБ ја повлече својата поддршка за владата.
ЕУ му донираше на ЈСП шест еколошки автобуси
Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) доби шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас, донација од Европската Унија.
„Оваа активност која денес ја спроведуваме е проект вреден 10 милиони евра којшто ќе придонесе за намалување на загадениот воздух, бидејќи тоа е еколошки проблем што го чувствуваме веднаш по почетокот на грејната сезона и со години го зема данокот врз здравјето на граѓаните,“ изјави амбасадорот на Европската унија во земјава, Михаил Рокас, на примопредавањето на шесте еколошки автобуси во Дирекцијата на ЈСП.
Проектот, како што додаде, ги опфаќа градовите Битола, Куманово, Скопје и Тетово, односно оние кои се соочуваат со зголемено аерозагадување.
„Транспортот е причина за големото количество емисии на јаглерод диоксид којшто го испуштаме во атмосферата. На овој начин овозможуваме граѓаните да можат да го користат јавниот превоз, наместо поединечни возила. Мора да го направиме јавниот транспорт колку може помалку да загадува“, нагласи Рокас.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска рече донацијата од Европската Унија е успех на Град Скопје, изразувајќи надеж дека ваквата активност ќе ги мотивира советниците на Град Скопје да гласаат и за набавка на уште 250 еколошки автобуси.
Донацијата на еколошките автобуси се случува во период кога граѓаните се соочуваат со секојдневни проблеми со јавниот превоз. Автобусите на ЈСП престанаа да возат низ скопските улици поради недостиг на гориво. Автобускиот превоз беше нормализиран по интервенцијата на Владата, која обезбеди нафта од државните резерви за седум дена.
Поранешна соработничка на РСЕ доби 4 години затвор во Сибир
Судот во сибирскиот град Чита ја осуди на четири години затвор новинарката Ника Новак, поранешна соработничка на сервисот на Радио Слободна Европа - Siberia.Realities.
Извори блиски до истрагата за РСЕ изјавија дека Новак е прогласена за виновна за „соработка со странска организација на доверлива основа“.
Новак минатата година беше уапсена во Москва, а подоцна префрлена во Сибир.
Нејзиниот случај беше означен како доверлив, а деталите не беа објавени.
Новак работеше за медиумската група ChitaMedia и беше главна уредничка на веб-страницата Zab.ru.
Во текот на 2022 година, таа беше соработничка на Радио Слободна Европа. Групата за човекови права Меморијал ја означи Новак како политички затвореник.
Законот за криминализирање на соработката со странски организации на доверлива основа беше усвоен во Русија во 2022 година, и тој дозволува кривично гонење за споделување некласифицирани информации со странски организации.
Српскиот министер за градежништво во оставка, Горан Весиќ префрлен во болница
Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија во оставка, Горан Весиќ, со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Сремска Каменица, потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ) од Управата за извршување на кривични санкции.
Весиќ е префрлен во Заводот врз основа на решение на Здравствената служба на установата, а поради влошување на неговата здравствена состојба.
„Сите притворени и осудени лица од Окружниот затвор во Нови Сад вообичаено се испраќаат на дијагностика во Заводот во Сремска Каменица секогаш кога за тоа постојат медицински причини“, велат од Управата за извршување на кривични санкции за РСЕ.
Весиќ во болницата го обезбедуваат припадници на Службата за безбедност, што е дел од редовната процедура при лекување на приведено лице во цивилна болница.
На 23 ноември му беше одредена мерка притвор во траење од 30 дена, по што тој започна штрајк со глад.
Весиќ беше уапсен на 21 ноември поради пад на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, каде загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.
Тринаесет лица се во притвор во рамки на истрагата за уривањето на настрешницата на 1 ноември.
Дојава за бомба во судот во Сараево, прекинати сите рочишта
Во зградата каде што се наоѓаат Кантоналниот суд во Сараево и Општинскиот суд Сараево, утрината е пријавено дека е поставена бомба.
Според информациите, припадниците на Министерството за внатрешни работи на Сараевскиот кантон се на терен и вршат детален преглед, а во тек е евакуација на зградата.
Поради дојавата за бомба, одложени се сите рочишта во кантоналниот и општинскиот суд.
Меѓу поважните рочишта што требаше да се одржат денеска (26 ноември) се завршните зборови на Обвинителството на БиХ во врска со убиството на сараевските полицајци, како и случајот против поранешниот градоначалник на Сараево Ибрахим Хаџибајриќ.
Хаџибајриќ беше уапсен во мај минатата година. Оттогаш е во притвор. Покрај него, уапсени се уште шест лица. Обвинителството на кантонот Сараево тогаш објави дека Хаџибајриќ е осомничен за организиран криминал, злоупотреба на власта и перење пари.
Дојавите за поставени бомби во зградата каде што се сместени двата суда зачестија во последните месеци, но засега сите беа лажни.
Кина по заканите на Трамп за воведување царини: Никој нема да победи во трговската војна
Кинеската амбасада во Вашингтон соопшти дека „ниту САД, ниту Кина нема да ја добијат трговската војна“.
Ова е реакцијата на Пекинг на заканата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да воведе дополнителни царини од 10 отсто за целиот кинески увоз кога ќе ја преземе функцијата на 20 јануари, пишува Ројтерс.
„Во врска со американските царини за Кина, Кина верува дека кинеско-американската економска и трговска соработка е заемно корисна. Никој нема да победи во трговска или тарифна војна“, рече портпаролот на кинеската амбасада Лиу Пенгју.
Трамп рече дека ќе воведе царини додека Кина не го запре протокот на нелегални дроги, особено фентанил, во Соединетите Држави.
Тој го обвини Пекинг дека не прави доволно за да го запре протокот на илегална дрога што влегува во САД од Мексико.
„Додека ова не биде прекинато, ние ќе и наплаќаме на Кина дополнителни десет отсто царини, покрај сите дополнителни царини, за сите нивни производи кои доаѓаат во Соединетите Држави“, рече Трамп.
По наводите на Трамп за зголемување на царините, на азиските берзи се тргуваше претпазливо во вторник (26 ноември).
Трамп веќе вети дека ќе го укине трговскиот статус на Кина на најомилена нација и ќе воведе царини за кинескиот увоз од повеќе од 60 отсто, што е многу повисоки од оние воведени за време на неговиот прв мандат, потсетува Ројтерс.
Лиу во изјавата рече дека Кина презела чекори за борба против шверцот со дрога по постигнатиот договор меѓу американскиот претседател во заминување Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг минатата година.
„Кинеската страна ја информираше американската страна за напредокот постигнат во американските операции против наркотици. Сето ова докажува дека идејата дека Кина свесно дозволила прекурсорите на фентанил (хемиското соединение потребно за производство на лекот) да влезат во САД е целосно спротивна на фактите и реалноста“, рече Лиу.
Главниот кинески обвинител во јуни ги повика своите службеници за спроведување на законот да се фокусираат на борбата против шверцот со дрога, додека Пекинг и Вашингтон открија ретка заедничка истрага за дрога.
Набргу по состанокот на заедничката работна група за борба против наркотици во август, Кина објави дека ќе ги заостри контролите на три хемикалии потребни за производство на фентанил.
Освен Кина, цел на царините се Мексико и Канада, објави Трамп на неговата социјална мрежа Truth Social.
Студенти го блокираа Факултетот за драмски уметности во Белград
Во тек е блокада на Факултетот за драмски уметности (ФДУ), потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ). Студентите кои го блокираа факултетот на 25 ноември, во вторник (26 ноември) во 15 часот ќе ги изнесат своите причини зошто го сториле тоа.
Студентите на ФДУ на 22 ноември се вклучија во акцијата „Застани Србијо!“, кога на Булеварот на уметностите во близина на факултетот се случи инцидент.
Неколку возачи, чии автомобили беа запрени со оваа акција, излегоа и се судрија со толпата.
Здружението на драмски уметници на Србија (УДУС) ги осуди нападите врз студенти и напиша дека на 22 ноември еден студент завршил со повреди во Ургентниот центар.
„Бараме од надлежните органи секогаш кога е загрозено правото на безбедност на нашите граѓани, да ги пронајдат и гонат одговорните лица“, се додава во соопштението.
Со акцијата „Застани Србијо“!, граѓаните во повеќе градови низ Србија со петнаесетминутно молчење им оддадоа почит на загинатите при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
Петнаесет минути претставува минута молчење за секој од 15-те луѓе кои загинаа при падот на настрешницата. Акцијата беше синхронизирана во 11:52 часот, симболично во моментот кога се урна бетонската конструкција на настрешницата.
Животот на двајца тешко повредени се уште е во животна опасност, а лекарите се борат за нивниот живот.
Претставниците на власта ја осудија акцијата „Застани Србијо!“, со оценка дека таа е „малтретирање на граѓаните“.
Тринаесет лица се уапсени поради основано сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата од зградата на железничката станица во Нови Сад.
Меѓу уапсените се и четворица владини функционери - министерот за градежништво во оставка Горан Весиќ и членката на неговиот кабинет задолжена за железници Анита Димоски.
Покрај нив, уапсени се и Јелена Танасковиќ, поранешната директорка на „Српска железничка инфраструктура“ и нејзиниот претходник на чело на тоа јавно претпријатие Небојша Шурлан.
Британските пратеници гласаат за закон за забрана за продажба на електронски цигари кои таргетираат млади
Членовите на парламентот на Обединетото Кралство треба да гласаат за законот за пушење тутун и електронски цигари (вејп), кој на децата и младите ќе им ја даде потребната заштита за да „избегнат доживотен затвор поради зависноста“, рече министерот за здравство на Велика Бријатнија, Вес Стритинг. Тој предупреди дека бројот на деца кои пушат електронски цигари со различни вкусови „расте со алармантна брзина“ и дека е „неприфатливо“ вајповите да се таргетираат кон деца нудејќи им вкусови како „гумено мече и виножитото."
Предлог-законот ги спречува сите деца родени по 1 јануари 2009 година да пушат до возраста на која може да се купи тутун.
Законодавството вклучува целосна забрана за рекламирање и спонзорство, вклучувајќи места кои ги гледаат деца и млади луѓе, како што се реклами во автобуси, кина и во продавници усогласувајќи ги со сегашните ограничувања за тутунот.
Вејповите за еднократна употреба ќе бидат забранети од јуни 2025 година според посебно законодавство за заштита на животната средина, додека продажбата на вејпови во автоматите и нивната бесплатна дистрибуција ќе биде стопирана.
„Бројот на деца што пушат вакви цигари расте со алармантна брзина и, без итна интервенција, ќе имаме генерација на деца со долготрајна зависност. Неприфатливо е овие штетните производи намерно да се насочени кон деца со пакување во светли бои и со вкусови како што се „гуменото мече“ и „распрснување на виножитото. Затоа е неверојатно важно да се гласа“, рече Стритинг.
Како дел од мерките насочени кон продолжување на поддршката на пушачите да се откажат од пушењето, Владата на ОК ќе обезбеди 70 милиони фунти (87,7 милиони американски долари) за услуги за откажување од пушење, соопшти Министерството за здравство.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете