„Oд утре не пушам!“ Оваа реченица неколку пати ја изговорила Даниела од Валандово во нејзиниот 30 годишен „стаж“ како пушач. И навистина, вели, следниот ден ги оставала цигарите. Се случувало да не запали цигара со години, но повторно се враќала на старата навика.
„За еден дочек на Нова година испушив можеби две кутии. Знаев дека од следниот ден ќе се покачи цената на цигарите, а имав неколку штеки на залиха. Сепак, реков: ‘Доста е!’“, вели Даниела во разговорот со Радио Слободна Европа.
Таа се надева дека следното откажување ќе биде последно.
Интересот кај македонските граѓани да се откажат од употреба на тутун е многу ниска. Слабо биле посетени советувалиштата за откажување од пушење во 10-те Центри за јавно здравје, стои во ланскиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Оваа институција неодамна отвори телефонска линија во рамки на Центарот за советување за откажување од пушење, наменета за тие што сакаат да ги остават цигарите. Два пати седмично, граѓаните можат да разговараат со специјално обучени медицински лица кои следат посебни протоколи што покажале резултат во другите земји, објаснуваат од Институтот.
„Првиот ден имавме околу 10 јавувања и очекувам дека интересот ќе биде сè поголем и дека ќе им излеземе во пресрет на активните пушачи кои сакаат да ги остават цигарите и да живеат здрав живот. Ова се само некои мали чекори до она што сакаме да го постигнеме“, вели директорката на ИЈЗ, Марија Андонова, за РСЕ.
Никола од Скопје кој пуши 30 години без прекин, е еден од оние кои веќе побарале помош на бројот на ИЈЗ.
„Ме советуваа како да ги оставам и какви симптоми да очекувам на почеток. Ќе применам дел од советите кои мислам дека беа корисни“, вели Никола.
Можеби тие телефонски совети некому навистина ќе помогнат, вели валандовчанката Даниела. Но, според неа, најважно е „да се договориш сам со себе дека нема да пушиш“.
Така направил 50-годишниот скопјанец Зоран, кој цели 30 години пушел по 2 кутии дневно.
„Запалив цигара и се почувствував многу лошо, дури и цигарата ми горчеше. Реков, ќе престанам да пушам, веднаш. Во прво време имав проблем што да правам со рацете. Ама издржав и веќе 10 години цигара во уста не сум ставил. Се откажав засекогаш“, вели Зоран за РСЕ.
Но, не се сите мотивирани како него. Податоците од ИЈЗ укажуваат дека 7 од 10 активни пушачи во државата немале сериозен обид да прекинат со пушење, а повозрасните пушачи имале помал интерес за откажување.
Оние кои сепак сакаат да стават крај на лошата навика, освен телефонски, во иднина би можеле да добијат и совет плус во канцеларијата за советување со физичко присуство, која Институтот најавува дека ќе ја отвори.
„Пушењето е здравствен проблем број 1“
Состојбата со пушењето во Северна Македонија е алармантна појава. Истражувањата покажуваат висок број на активни пушачи, без тенденции за некое големо намалување, се наведува во извештајот на ИЈЗ.
Според нивните податоци, 45, 4% од македонските граѓани се пушачи.
Докторот по јавно здравје, Александар Митов, забележува дека има повеќе фактори кои влијаат штетно на здравјето на македонските граѓани, но пушењето е над сите.
„Она што посебно ме загрижува е пушењето кај децата. Тоа уште го прават за да бидат прифатени во друштвото. Не паѓа трендот на пушење кај нас и тоа е број еден здравствен проблем во Македонија. Имаме проблем и со храната и со загаден воздух, но убедливо на прво место е пушењетo“, истакна доктор Митов во поткастот на РСЕ, „Зошто“.
Многу истражувања покажуваат дека пушењето на родителите е асоцирано со зголемено пушење кај младите. Во Северна Македонија, 30% од децата на 15 годишна возраст барем еднаш во животот пушеле, според податоци од меѓународна студија ЕСПАД, подвлекуваат од ИЈЗ.
Страда и здравјето на непушачите
Пушењето не го загрозува само здравјето на активните пушачи, туку и на пасивните, оние кои не пушат, а делат просторија со пушачи.
Вкупно 88, 7 % од пушачите се согласуваат дека пушењето е штетно за сите, 3, 8 % не веруваат во тоа, другите немале став, покажуваат податоците на ИЈЗ.
„Да имам моќ, веднаш би го вратил стариот закон, кога во ниту една затворена просторија, па и во диско, не смееше да се запали цигара. Да можам, дури и би го укинал производството на тоа зло. Изминативе неколку години пак по старо, се враќам дома од кафуле и мирисам на цигари од глава до петици. Смрдеата е неподнослива“, вели 40-годишниот скопјанец Филип кој никогаш не пушел.
Според македонскиот закон за заштита од пушењето, забрането е да се пуши во сите јавни простории. Но, дозволено е надвор од објектите, на терасите или летните бавчи. Проблемот настана во 2018 година, кога на власт дојде владата на СДСМ предводена од Зоран Заев, и го тргна членот од законот во кој се дефинираше што е тераса, односно каде смее да се пуши.
Тоа се случи бидејќи угостителите се жалеа на забраната за пушење донесена во 2010 година, велејќи дека драстично им паѓа прометот во зима. Дотогаш пушењето беше дозволено само на простор кој мора да биде отворен од најмалку три страни и да не биде покриен.
Според Светската здравствена организација, пушењето е една од најголемите здравствени закани за здравата популација, и секоја година одзема по околу 7 милиони животи. Според истражувањата во земјава пак, тутунот е втора причина за смрт од кардиоваскуларни заболувања кои годишно земјаат по околу 15 000 животи и е главна причина за рак на белите дробови.