Достапни линкови

СЈО се враќа во судот во потрага по пресуди


Архивска фотографија - Поранешниот премиер Никола Груевски во Кривичниот суд во Скопје на судењето за случајот Титаник
Архивска фотографија - Поранешниот премиер Никола Груевски во Кривичниот суд во Скопје на судењето за случајот Титаник

Титаник, ТНТ и Тврдина - Таргет се враќаат во суд по одморите. Дел од случаите што ги покрена СЈО веќе добија судска разрешница, а со тоа се враќа довербата во судството, коментираат експерти.

Случаите на СЈО за изборните манипулации, уривањето на Космос, прислушувањето, по летните одмори се враќаат во суд.

Минатото рочиште за „Титаник“ требаше да се одржи на 3 јули, но беше одложено оти не присуствуваше обвинетата поранешна министерка Гордана Јанкулоска која е на породилно отсуство. Јанкулоска денеска треба да се појави на суд.

Во воведните говори адвокати на одбраната и дел од обвинетите се повикаа на помилувањето на претседателот Ѓорге Иванов, особено откако грчкиот суд во случајот со бегалците - поранешни разузнавачи, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, одлучи дека аболицијата е на сила.

Владини претставници местеле избори

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешни министри, генерални секретари на партијата, пратеници и други функционери се дел од луѓето осомничени од СЈО за злосторничко здружување и разни изборни манипулации во случајот Титаник.

За поранешниот премиер Никола Груевски ова обвинување и сите други се со цел да се направи политички геноцид на една политичка партија, која легитимно ја водела државава со поддршка на голем број граѓани.

Дел од случаите што ги покрена СЈО веќе добија судска разрешница во прва инстанца, дел од обвинетите добија условни казни, а за случаите Триста и Тенк за првпат паднаа и затворски казни. Според експерите, пресудите се позитивен чекор кон враќањето на довербата во судството и тие очекуваат таквата пракса да продолжи во иднина.

„Мислам дека со овие првични предмети и со овие неколку пресуди што следуваа веќе како да започнува процесот на враќање на довербата во судството. Но, се уште е рано и ние сме на почетокот, бидејќи знаеме како се одвиваат реформите во судскиот систем и тие длабоко се уште се забраздени во проблеми“, посочува поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски

На крајот на август се и случајот „ТНТ“ на Специјалното јавно обвинителство за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски и случајот „Тврдина-Таргет“. Во кој обвинети се бегалците Горан Грујевски и Никола Бошкоски, како и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, шефот на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и уште шест лица.

Обвиненија за собранискиот ќотек - Заев на нишан, бомби во Собрание

Следната недела, пак, пред суд ќе се најдат и обвинетите за крвавиот четврток.

Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, пет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ( Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Трчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов) , водачите на здружението „За заедничка Македонија“, и други граѓани се меѓу дваесет и осумте осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во овој случај уште двајца се обвинети за помагање на делото. Тие ќе се појават пред суд на 22 август, а периодот потоа се закажани 37 термини за главната расправа.

Предметот за ќотекот во Собранието, ќе го суди судијката Добрила Кацарска.

Амнестијата за овие случаи е тема со месеци. Иако од ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе поднесат предлог закон до Собранието за амнестија на обвинетите за 27 април, тоа го стори здружението Единствена Македонија. Од владејачкото мнозинство пак, велат дека амнестија нема да има.

Поранешната судијка во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца – Николовска вели дека за да има помирување треба да има одговорност за сторителите, а што се однесува до судскиот процес, таа вели дека судењата во земјава траат.

„Судските процеси траат и ретко кој брзо завршува. Во Македонија ние ги имаме проблемите со должина на постапката и не само во вакви, туку фактички во сите процеси“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG