Обезбедување алатки за професори во основно и средно образование и осигурување ефикасна инклузија на ученици со посебни потреби и новодојдени во редовни паралелки, опфаќа двегодишниот проект „БЕСТ“, во кој партнери се Дневниот центар за возрасни лица со попречености „Порака Наша“, основното „Толи Зордумис“ и средното земјоделско училиште „Киро Бурназ“од Куманово. Проектот е координиран од Француската асоцијација „Култура 21“, во кој освен Македонија и Франција, партнери се и организации и училишта од Полска и Романија, а се одвива во рамките на „Еразмус+“ програмата на Европската комисија, која дава поддршка во областа на образованието, обуките, младите и спортот. Досега, биле реализирани средби во Франција, Романија и Полска.
Според Светлана Димитриевска, социјален работник во „Порака Наша“, нивната задача е изготвување прирачник за работа со деца со посебни образовни потреби и за надминување на проблемите со кои се соочуваат во текот на часовите. Прирачникот може да им послужи и на сите релевантни фактори во општеството кои се занимаваат со инклузивно образование (државата, локалната самоуправа, учениците, наставниците, родителите).
„Ние како држава имаме проблем со инклузивното образование и на овој начин сакаме да помогнеме, преку искуства добиени од наставници во другите земји, за подобрување на квалитетот на наставата за децата со посебни потреби“, вели таа.
Димитриевска појаснува дека наставниците во образовниот систем не можат да се образуваат за работа со деца со посебни потреби, затоа им се неопходни обуки кои самоиницијативно ги посетуваат.
„Така, на овој начин преку размена на искуства со наставници од другите држави, директно им се помага на наставниците како подобро да одржуваат настава со деца со посебни образовни потреби“, вели таа.
Миле Јордановски, директор на ОУ „Толи Зордумис“, вели дека многу се дебатира за инклузија на децата со посебни потреби, но во пракса тоа не оди така лесно.
„Во нашето училиште имаме деца инклузирани во редовна настава, ги има 17, а три деца се со потешки посебни потреби за кои постои лифт, за да можат полесно да се искачат до одредени кабинети“, вели тој.
И во Франција состојбата со инклузија на децата со посебни потреби не задоволува, вели Бети Нгуен Ланоу од Асоцијацијата „Култура 21“. Во Франција законски сите деца, без оглед дали имаат попречености или не, треба да бидат вклучени во редовни паралелки. Без оглед на волјата и посветеноста на наставниците, неопходно е познавање на одредени вештини и методи.
„Во училиштата постојат професионални асистенти, но не секогаш тие се во доволен број, така што не задоволува постигнатото“ вели Нгуен Ланоу.
Во нашата држава постојат многу здруженија кои постојано промовираат реализирани проекти финансиски поддржани, како од странски фондации, така и од ресорни министерства или локални заедници, меѓутоа, потребното ниво за инклузија на лицата со посебни потреби сè уште е на ниски гранки.