Во Република Македонија не се посветува доволно внимание на лицата со аутизам. Тие имаат потреба од целосно интегрирање во општеството, а за нивните потреби не се доволно информирани ниту нивните родители. Оваа оценка е изнесена од страна на претставниците на здружението за лица со аутизам во Македонија на обуката што се одржа во Дебар во рамките на проектот за Европската унија за поддршка на оваа категорија на лица.
„Станува збор за проект на ЕУ преку програмата Еразмус опус која е во тек на реализација. Цел е едукација на родителите на децата со аутизам. Суштински проблем е справувањето со овие деца и укажување на родителите со главните проблеми што ги имаат овие деца. Се реализираа шест работилници во неколку градови каде што се даваат практични совети на родителите. Инаку овој проект се реализира во пет земји на Европа меѓу кои е и Македонија, а тука се и Велика Британија, Хрватска, Белгија и Кипар“, вели претседателот на здружението на лица со аутизам, професор доктор Владимир Трајковски.
Според него, овие обуки имаат големо значење за родителите кои имаат деца со аутизам. Трајковски смета дека слични проекти треба да се реализираат во интерес на овие деца и од страна на домашните институции, кои до сега многу малку имаат сторено за интеграцијата на лицата со аутизам.
„Многу малку се посветува внимание од страна на нашите институции. Ние сметаме дека повеќе активности за потребите на овие деца треба да имаат и Mинистерствата за труд и социјална политика, за образование и наука и за здравство. Потребни се и обуки за лекарите, особено матичните лекари, со цел да се овозможи поубав живот на децата со аутизам“, вели професор Трајковски.
Дебарските здруженија на лицата со посебни потреби оценуваат дека и на локално ниво во општината институциите не посветуваат соодветно внимание на лицата со аутизам. Според нив, обуките кои се организирани за родителите на деца со аутизам се од големо значење.