Достапни линкови

Неделен печат - Тројански коњ за името и Чебрен и Галиште


Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во Софија на 17 мај 2018
Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во Софија на 17 мај 2018

Фокус пишува дека со прифаќањето па одбивањето на предлогот Илинденска Македонија, грчкиот премиер му подарил Тројански коњ на премиерот Зоран Заев. Капитал пишува за изградбата на хидроелектраните Чебрен и Галиште.

Фокус - Ципрас му подари Тројански коњ на Заев

Една голема реплика на историскиот Тројански коњ има на насловната страница на Фокус со натпис: „Ципрас му подари Тројански коњ на Заев“, а како наднаслов прашањето: „Зошто грчкиот премиер ја прифати ’Илинденска Македонија?‘“ Па во текстот читаме дека одбивањето на веќе усогласениот предлог, во мигот кога „партнерот“ храбро го промовира во јавноста како решение за кое ќе се бара политички консензус и во Скопје и во Атина, изгледа како класична измама во режија на грчката влада, наменета за уривање на угледот на нашата влада и на позицијата на премиерот Заев. Оти, зарем е можно, се исчудува авторот на воведната колумна, само 48 часа по информацијата што ја пренесе нашата влада дека Заев и Ципрас си подале рака за овој предлог, грчката влада да ретерира и да го отфрли предлогот?! Многу веројатно е дека владата во Атина со своите советници, историчари и други експерти за името темелно го претресле предлогот пред да даде начелна согласност за него. Поради тоа, пишува Фокус, експресното одбивање изгледа сомнително и сведочи за скриени намери. Авторот на текстот смета дека Тројанскиот коњ бил смислен за да ги излаже македонските граѓани дека Владата на Заев божем прифатила промена на уставното име, севкупна употреба на новото име, па сега се бара само прифатлива одредница и таа итроманска, византиска сплетка единствено има смисла македонскиот народ во Заев навистина да почне да гледа предавник решен сè да им даде на Грците, без оглед на последиците, пишува покрај другото Фокус.

Капитал - Бизнис заедницата задоволна што Владата ќе ја финансира изградбата на Чебрен и Галиште

„Бизнис заедницата е задоволна што Владата ќе ја финансира изградбата на мега проект како Чебрен и Галиште од буџетски средства“ ја продолжува сторијата Капитал од пред некој број, кога ја објави информацијата за одлуката на Владата сама да ја финансира изградбата на двете хидроелектрични централи. Македонските градежни компании сметаат дека е избран правилен концепт на давање предност на домашната оператива имајќи го предвид фактот дека последните брани кои се пуштени во енергетскиот систем во нашата држава, Св. Петка и Козјак, ги изградија домашни компании, иако не секогаш се појавуваа како главни изведувачи, но успеаја да го потврдат постоењето на квалитет и подготвеност на македонската градежна алтернатива да одговори на вака големи предизвици, ги пренесува Капитал реакциите во Здружението на градежништво при Стопанската комора на Македонија. „Ова е вистинска инвестициска одлука на државата“, сметаат во Здружението на градежништво. Капитал потсетува дека според првичниот план, до крајот на годината ќе се распише тендер за изградба на електраните Чебрен и Галиште, а од следната, 2019 година, да почнат и оперативните активности околу изградбата на проектот.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG