Достапни линкови

Тереза Меј во Скопје со британска поддршка за Македонија


Британската премиерка Тереза Меј ќе допатува во Скопје, по учеството на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија. Дипломатската фела посетата ја толкува како историска, особено поради фактот дека последен пат тоа го направил премиерот Тони Блер во далечната 1999 година

Деветнаесет години откако земјава ја посети поранешниот британски премиер Тони Блер во екот на косовската бегалска криза, денеска во земјава повторно доаѓа британска делегација предводена од премиерката Тереза Меј, поради што дипломатите ја сметаат оваа посета за историска. По тој повод, од кабинетот на британската премиерка информираат дека билатералните односи на двете земји се посилни од кога и да е.

„Оваа година кога одбележуваме 25-години од дипломатските односи меѓу Македонија и Велика Британија, врските меѓу нашите земји се посилни од кога и да е“, се наведува во соопштението од кабинетот на Меј.

Поранешниот дипломат Алајдин Демири вели дека британската премиерка доаѓа во земјава за да испорача поддршката на Македонија на патот кон евроатланските интеграции.

„Оваа година се случуваат многу историски нешта во дипломатијата. Сите тие ги гледам како обиди да и се помогне на Македонија, пред се во решавањето на проблемот со името и туркајќи ја Македонија да биде член на европското семејство отворајќи и врата за преговори. И тоа би била основната причина за посетата, други причини не гледам, освен добронамерната идеја на Англија да има добар партнер во овој дел на регионот,“ вели Демири.

Британската премиерка во Скопје ќе допатува во Скопје по учеството на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија. Од нејзиниот кабинет најавија дека таа ќе има средби со премиерот Зоран Заев, како и со ЛГБТ активисти на Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија. Меј ќе ја заврши посетата со говор на прием во Собранието.

Од Владата на Република Македонија пак соопштија дека во рамки на посетата на Меј ќе има состанок и меѓу делегации на двете влади по што премиерите Зоран Заев и Тереза Меј ќе одржат прес конференција.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG