Фокус - Како да веруваме дека Заев ќе ја европеизира Македонија
Најновиот Фокус излезе со неколку провокативни текстови. Во уводникот „За нештата да станат појасни“, неделникот поставува реторичка дилема: „Како ќе веруваме дека Заев ќе спроведува ’план Б‘ и ќе ја европеизира Македонија, кога сме сведоци дека и сега, кога сè уште има каква-таква енергија и волја да се смени режимот, се судираме со клиентелизам, лоши кадровски решенија, а се појавуваат и првите сигнали што навестуваат неотпорност на непотизам и корупција кај новата власт“.
Во 7-дневните записи за актуелните случување кај нас, што повремено може да се прочитаат во овој неделник, се среќава ироничен наслов: „Хоџа ќе го советува Заев како да не заврши на црната листа на САД“, па има и прашање: „Не знам зошто сега се возбудува јавноста што Џезаир Шаќири, познат како командант Хоџа во конфликтот од 2001 година, е назначен за советник на премиерот. Па, безмалку сиот команден кадар на ОНА одамна е распослан низ институциите. На уште повисоки позиции“, забележува Фокус.
Неделникот направил дополнителна проверка на партнерите на Заев во бизнисот со канабис и ги изнесува своите откритија: еден од нив, Сејди Шахисвари, освојувал милионски бизниси на градежни тендери, открива неделникот. Но во атрактивниот бизнис влегува и семејството на гостиварскиот бизнисмен Кодра, кој, пак, важи за близок до Зијадин Села, објавува Фокус.
Капитал - Владата ќе ги гради Чебрен и Галиште
Капитал во најновото издание како главна тема ја определил сторијата што ја засновува на своите ексклузивни сознанија и детали за новиот проект за електрани на Црна Река: „Владата ќе ги гради Чебрен и Галиште. Нов бизнис од 400 милиони евра за домашните градежни компании и банки!“ гласи бомбастичниот наслов во неделникот. Проектот за изградба на овие две хидроелектрани има долга историја. За него се зборува повеќе од 50 години, досега се направени многу анализи и објавени дури 11 тендери кои за жал беа неуспешни и на Македонија никако не ѝ успеа да најде инвеститор кој ќе го гради овој важен проект, пишува Капитал. Неделникот наведува дека претходните 11 тендери предвидувале изградба на две големи хидроелектрани Чебрен и Галиште, а инвестицијата била многу поголема од бенефитите, па тендерските постапки биле неуспешни. Сега Владата решила, преку ЕЛЕМ, сама да влезе во оваа инвестиција, со што новите електрани би останале во системот на домашниот производител на електрична енергија. Новиот проект предвидувал изградба на една поголема и уште неколку помали електрани по течението на Црна Река. Идејата на Владата, како што открива Капитал, е инвестицијата од околу 400 милиони евра да се обезбеди преку кредит од домашните банки, а во изградбата да учествуваат домашните градежни компании кои имаат капацитет да работат вакви специфични проекти. Се очекува новиот тендер да биде распишан до крајот на годинава, а веќе догодина да почнат подготовките на теренот. Капитал обелоденува и дека најголемите банки во земјава се заинтересирани да го кредитираат овој проект и предлагале издавање наменска државна обврзница за финансирање на објектите, кои би можеле да ги запишат и граѓаните и домашни компании.