Достапни линкови

Дневен печат – Евровизија и трошења за амбасади


Ај кју, македонскиот претставник на Евровизија
Ај кју, македонскиот претставник на Евровизија

Евровизија, но и аферата со купување амбасади и изборот на командант Хоџа за советник на премиерот Зоран Заев се главни теми во дневниот печат.

И би, како што велат дека рекол Господ, ама во случајов, не светлина, туку Евровизија и настапот на македонските претставници на најголемата политичка претстава во светот. Поминавме како што (не) поминавме, но стајлингот на нашата изведувачка се најде дури и на профилот на БиБиСи на Твитер, а го објавија повеќето електронски изданија на домашните печатени медиуми: „Не е наопаку облечено, мамо, тоа е мода која ти воопшто не ја разбираш“.

Но дома си имаме многу посериозни теми и проблеми за решавање што се најдоа на насловните страници на печатените медиуми изминатите денови.

Нова Македонија, како прва вест во електронското издание насловува: „СЈО бара конфискација на имотот на Груевски и Протуѓер во вредност од над 34 милиони денари“.

Сите електронски изданија на печатените медиуми исто така објавија: „МНР: Потрошени 40 милиони евра за дипломатско-конзуларни претствништва во изминатите 10 години“, како што наслови Нова Македонија. Вечер излезе со наслов: „МНР тврди дека претходното раководство купувало прескапи, но и згради за амбасади дивоградби, како онаа во Чешка“. Слободен печат на насловната пишува: „МНР открива злоупотреби на претходната власт – 50 милиони евра стопени за купување амбасади!“

Вечер објавува уште еден интригирачки наслов: „Документите ја демантираат Шеќеринска, екс дипломатите го бранат Наумовски“, во врска со скандалот при неодамнешната посета на министерката за одбрана на САД, кога се пожали дека актуелниот амбасадор Наумовски воопшто не се појавил во Вашингтон. Весникот ја пренесува ТВ Алфа која од свои извори во Министерството за надворешни дошла до дописот од Наумовски до МНР во кое ги расветлувал деталите од скандалот за кој „министерката за одбрана го обвини токму него“, наведува Вечер.

Истиот весник го објавува барањето на ВМРО-ДПМНЕ: „Владата да го раскине договорот со Џезаир Шаќири - Хоџа“, ангажиран како советник за безбедност и борба против радикализам на премиерот Заев. Истиот весник ја објавува и изјавата на премиерот: „Бошкоски и Шаќири беа на различна страна од нишаните, сега работат за својата Македонија“. Заев ја демантира изјавата на портпаролот на опозициската партија дека Хоџа ќе добивал безбедносни информации: „Советниците не добиваат сертификати за класифицирани информации“, ги пренесува зборовите на премиерот Вечер. Слободен печат ја пренесува изјавата на поранешниот Командант Хоџа, дадена за порталот Лајм, во која обелоденува дека во времето на Груевски бил повикан да помогне при демаркацијата на границата кај Танушевци и дека тогашниот министер за надворешни, Милошоски телефонски му се заблагодарил за помошта. Информацијата е објавена со наслов: „Кога ме молеше Антонијо Милошоски да им помогнам со демаркацијата, тогаш не бев терорист“.

Независен, пак, објавува дека никој досега од ДУИ не се огласил со реакција за потегот на премиерот, но „неофицијално има информации дека во ДУИ има незадоволство поради одлуката на Заев, не толку поради негативните ставови на Шаќири кон интегративците во минатото, колку поради тоа што ова е уште еден потег со кој СДСМ се обидува да привлече што повеќе приврзаници од албанскиот блок“, наведува Независен.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG