Достапни линкови

Процесите против Заев и Груевски - тест за правната држава


Комбо фотографија актуелниот премиер Зоран Заев и поранешниот Никола Груевски.
Комбо фотографија актуелниот премиер Зоран Заев и поранешниот Никола Груевски.

Двајца премиери, актуелниот Зоран Заев и поранешниот Никола Груевски, денеска присуствуваа на судски рочишта, кои се одржаа во растојание од половина час. Заев беше на судењето за „Поткуп“ обвинет за примање поткуп, а Груевски за случајот на СЈО „Титаник“, обвинет за изборни нерегуларности.

Кратко траеше рочиштето за случајот „Поткуп“ во Кривичниот суд. Судијата констатираше дека завршува доказната постапка и по консултација со обвинителот и одбраната закажа одржување на завршните зборови на 12 мај во 12 часот.

Судскиот совет ја пушти претходно објавената снимка на „Јутуб“, наведувајќи дека е од 21 февруари 2014 година, меѓу бизнисменот Иван Николов и тогашниот градоначалник на општина Струмица Зоран Заев, која била направена како посебна истражна мерка.

Судијата истакна дека имало три прекини на снимката, еднаш на втора минута и 20 секунда, на втора минута и 55 секунда, како и на крајот, а Заев исто така побара од судијата да ги земе предвид прекините на снимката.

Целосната снима од разговорот беше објавена минатата недела по одлука на Апелациониот суд, но без присуство на јавноста.

По завршувањето на рочиштето Заев изјави дека во прекинатите делови од снимката се објаснува дека средствата за кои зборуваат со Николов биле наменети „за цемент, за тули, за струја, за работна сила“, а дека снимката е објавена со цел за негова целосна дискредитација. Тој рече оти верува дека со кажувањето на завршните зборови конечено ќе може да се покаже правдата за случајот.

„Само преку судска постапка ваквите работи можат да се објаснат и целосно да се разјаснат, мене ми е драго што целиот процес преку доказната постапка беше разобличен, како во делот на испрашувањето на сведокот, така и во делот на моето испрашување како обвинето лице, но и сите други презентации на доказите“, рече Заев.

На рочиштето за случајот „Титаник“ во новата зграда на Кривичниот суд, освен поранешниот премиер Никола Груевски, присуствуваа уште 20 обвинети за изборни нерегуларности од страна на СЈО, меѓу кои поранешни високи функционери како Мартин Протугер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и Илија Домовски.

Процесот треба да продолжи на 21 мај. Главната расправа почна со презентирање на обвинителниот акт. Обвинителката Лиле Стефанова рече дека со сослушувањето и презентирањето на материјалните докази, ќе биде докажано дека обвинетите формирале злосторничко здружување пред изборите во периодот од 2011 до 2014 година за да обезбедат повеќе гласови за партијата.

Таа рече дека во постапката ќе се докаже дека Никола Груевски и Мартин Протугер во 2011 година со ПП10 налози незакокнски обезбедиле 520 илјади евра, кои обвинетиот Далибор Алешковиќ ги уплаќал на жиро сметка на партијата како донации од 529 лица, средства кои не биле напишани во налозите.

Стефанова поднесе предлог за конфискација на имот од обвинетите Никола Груевски, Мартин Протугер, Илија Димовски и Леко Ристовски во вредност од околу два милиони евра.

Груевски по рочиштето истакна дека не се чувствува виновен, бидејќи не сторил никакви кривични дела.

„Земајќи го предвид фактот дека основната кривична пријава е од СДСМ ова го чувствувам како политичка борба“, рече Груевски.

Мартин Протугер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Илија Димоски и останатите обвинети исто така рекоа дека не се чувствуваат виновни.

Судијата Осман Шабани пред почетокот на главната расправа го објави решението на Врховниот суд, во кое се одбива барањето на одбраната за изземање на судијата и членови на судскиот совет во процесот, по што констатираше дека се исполнети законски предуслови за гравната расправа, откако одбраната и обвинителите дадоа поднесоци за проширување на листата на докази.

Претходно одбраната поднесе барање до судот за изземање на обвинителката на СЈО Катица Јанева, повикувајќи се членови од законите за СЈО, за Јавното обвинителство и Законот за судови. Судиите барањето го отфрлија како недозволено.

За барањето на одбраната адвокатот Еленко Миланов образложи дека сметаат оти Јанева во повеќе наврати јавно се произнесувала во однос на вината и можните казни за обвинетите во процесот, во односн на наводено постоење на огромен процент на докази и како што рече со тоа директно се навлегувало во судските одлуки.

На тоа обвинителката на СЈО Лиле Стефанова одговори дека одбраната постојано „во наводници дава процесни предлози за да се изгуби ден“, односно за продолжување на постапката.

Таа истакна оти е убедена во професионалноста на нејзините колеги и оти во законот не постоела можност за изземање на обвинителите.

На предлогот на Миланов, повеќе адвокати од одбраната се јавија за збор за да му дадат поддршка.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG