Достапни линкови

Неделен печат – Обемна администрација и можно членство во НАТО


Илустрација: Шалтер за лични документи
Илустрација: Шалтер за лични документи

Неделникот Капитал го анализира бројот вработени во администрацијата, па заклучува дека чинат многу, а испорачуваат малку. Фокус, пак, прашува дали Македонија може да влезе во НАТО без решавање на спорот за името, па посочува дека спорот може да се реши поради „безбедносните дилеми на Западот“.

Капитал - Јавната администрација се преброи – чинат многу, а испорачуваат малку

Неодамна официјално објавената бројка на вработени во јавната администрација од над 128 илјади лица, бројка во која не се вбројани и вработените во јавните претпријатија, агенциите, општините е повод Капитал во најновото издание да наслови анализа: „Јавната администрација се преброи – чинат многу, а испорачуваат малку“. Па прави споредби со некои земји од ЕУ кои имаат горе-долу ист број жители, а зачудувачки мала јавна администрација, како на пример Естонија, со 1,4 милион жители, а само 140 вработени како државни службеници. Поранешната социјалистичка држава, пишува Капитал, само воведе е-администрација со чија помош административните услуги на граѓаните, како вадење лични документи, регистрирање автомобил, добивање градежни дозволи, запишување на факултет итн. - им се достапни онлајн. „И покрај двете претходно донесени стратегии за реформа на јавната администрација во државава, граѓаните немаат видено никакви ефекти од овие стратегии за реформа“, продолжува Капитал. Па потсетува дека во изминативе десетина години се формирани десетици владини и државни агенции, комисии, совети кои годишно трошат стотици милиони евра од буџетот, а корист од нив имаат само оние кои најчесто по партиски заслуги се вработени во нив. Ако се тргне по методата да се пресмета колку тие јавни и државни службеници го чинат државниот буџет, сигурно ќе се дојде до заклучокот дека многу вработени во јавните институции и администрацијата се вишок и треба да си заминат дома. Очигледно, кратењето на државната администрација сè уште не е дојдено на дневен ред во Македонија, заклучува Капитал.

Фокус - Може ли Македонија да стане членка на НАТО без конечно решение на спорот за името?

„Може ли Македонија да стане членка на НАТО без конечно решение на спорот за името?“ – ја анализира оваа можност, поставувајќи прашање Фокус, анализирајќи ги најновите тивки навестувања за некаков план Б. Па наведува дека доколку останат силни определбите за нова стратегија на НАТО и на ЕУ на Балканот, и Грција и Македонија навреме ќе бидат информирани до каде можат да одат. Ќе треба да изберат дали Македонија ќе биде 30 членка на НАТО под привременото име ПЈР Македонија, во согласност со Хашката пресуда, а по завршување на преговорите со ЕУ, редовното членство во Унијата да се означи со новото име, кое ќе биде со географска одредница како Република Горна Македонија или Република Северна Македонија, анализира Фокус.

Во друг текст, неделникот, повторно со прашалник насловува: „Безбедносната дилема на Западот ќе го реши спорот со Грција?“ Па наведува дека безбедноста (секјурити) е највисоко поставена на листата „висока политика“ на една држава. „Ако решавањето на македонско-грчкиот спор е високо на таа безбедносна листа на САД, некакво решение, за Македонија да се приклучи кон НАТО, ќе има“ – пишува колумнистот во Фокус, но со некаква сомничавост во својата теза искажана во зборовите: „Како (и дали), останува да се види“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG