По пет години чекање, Општина Битола конечно обезбди терен за изградба на полигон за полагање на практичниот дел од возачкиот испит. Од Општината соопштија дека локацијата се наоѓа во Горно Оризари, населба на периферијата на градот и дека државното земјиште е пренаменето во градежно, со намена таму да се направи полигон.
„Тоа беше горлив проблем за Битола и битолчани. Тоа е процедура, самата локација, па пренамена на земјиштето. Претходната власт се вадеше цело време дека пренамената бара време. Но, ете се покажа дека ако има волја тоа да се направи, помина многу брзо. Помина експедитивно брзо на седница на Влада, па потоа на друга седница за трансформација на земјиштето. И имаме локација во Горно Оризари“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Во следниот период треба да се изнајде најдобриот начин за изградба на полигонот. Петровска не можеше да прецизира кога Битола конечно ќе добие полигон, но рече дека ќе настојува тоа да се реши годинава.
„Може да се гради полигон. Сега треба правно да се испита како е најдобро, дали тоа може да го направи општината или јавните претпријатија, ако пак тоа не е возможно, тогаш ќе се организира јавна расправа со здруженијата кои одржуваат обуки за возачки испити да дадат сугестии. Треба да се види што кажуваат законите, но ќе ги форсирам службите што поскоро тоа да се заврши“, рече Петровска.
Ѓорги Јошевски од Граѓанската асоцијација Битола, инаку вработен во една од автошколите, вели дека Битола има полигон во приватна сопственост кај селото Поешево, на само неколку километри од градот, но нема добиено времена употребна дозвола за да можат автошколите да го користат и да не патуваат до Прилеп и Ресен.
„Полигонот е изграден и така стои, ако претходната власт дадеше употребна дозвола, средствата што се одлеваат во Прилеп и во Ресен, ќе влегуваа во буџетот на општина Битола. Оваа власт зошто не смогне сили да ја даде таа дозвола за полигонот во Поешево? Станува збор за 9 автошколи со близу илјада кандидати. Секој кандидат плаќа по 16.900 денари само за теорија и пракса“, вели Јошевски.
Пет години битолчани за возачи полагаат во Прилеп и во Ресен. Кандидатите за возачи се принудени да патуваат во други градови откако во 2013 година Секторот за управно-надзорни работи при МВР ја забрани употребата на полигонот кај Спортската сала „Младост“ зашто не ги исполнуваше пропишаните стандарди. Испитните центри немаат каде да го одржуваат практичниот дел од испитот, па кандидатите се упатуваат да полагаат на полигоните во соседните градови.
Според искуството на лица упатени во овој бизнис, на годишно ниво Битола има од 1.000 до 1.200 кандидати за полагање на возачки испити. Ако секој од нив плаќа по 1.000 денари за да полага на полигони во соседните градови, тоа на годишно ниво е трошок од 20.000 евра или за три години 60.000 евра кои се одлеале во Прилеп и Ресен. Тука се и патните трошоци, во просек од 600 денари на кандидат или 10.000 евра годишно.
Во изминатите години од претходната локална власт велеа дека постапката за нова локација е во завршна фаза, но место за полигон не обезбедија. Новата локална власт го обезбеди местото, сега битолчани бараат да не се издолжи изградбата.