Достапни линкови

Битола три години без полигон за возачки испити


Kандидатите се упатуваат да полагаат на полигоните во Прилеп или Ресен. Тоа само ги заголемува трошоците за да се дојде до возачка дозвола.

Битола три години е оставена без полигон за полагање возачки испити. Стариот полигон на паркингот кај Спортската сала уште во 2013 година се забрани за употреба откако Секторoт за управно-надзорни работи при МВР констатира дека не ги исполнува пропишаните стандарди. Оттогаш испитните центри немаат каде да го одржуваат практичниот дел од испитот, па кандидатите се упатуваат да полагаат на полигоните во соседните градови Прилеп или Ресен. Тоа само ги заголемува трошоците за да се дојде до возачка дозвола.

Треба да вежбаме за да полагаме испит за возење, за тоа треба полигон. Но, во Битола нема, па сме принудени да патуваме во Прилеп или Ресен што секако ни одзема време, а значи и дополнителен трошок.
Јован Маневски од Битола.

„Треба да вежбаме за да полагаме испит за возење, за тоа треба полигон. Но, во Битола нема, па сме принудени да патуваме во Прилеп или Ресен што секако ни одзема време, а значи и дополнителен трошок“, вели Јован Маневски од Битола.

За недостигот на полигон реагираше и советникот од СДСМ, Горан Козаров. Тој вели дека трошокот за користење на полигони во други градови паѓа на товар на идните возачи.

„Граѓаните моментално одат во најблиските градови Прилеп и Ресен, а тоа е дополнителен трошок на кандидатите кои сакаат да полагаат за возачка. Тоа ги чини околу 3.000 денари по лице“, вели Козаров.

Тој ја обвини локалната власт дека остана само на ветувањата дека ќе изгради полигон.

„Полигон за полагање на возачки испит нема, проект и решение нема, локација за полигон нема, желба за решавање на проблемот нема. Во овие три години битолската јавност се изнаслуша еден куп лаги и невистини од страна на ВМРО-ДПМНЕ и аболицираниот Талески со кои не убедуваа нас граѓаните дека само што не се решил проблемот со полигонот, дека општина Битола има локација и ќе почне изградбата“, вели Козаров.

Ситуацијата не смее да се остави статус кво зашто следната година постои опасност регионот да ја загуби лиценцата , па повеќето градови од југозападна Македонија да останат полигон за полагање навозачки испит.

„Ако овој проблем не се реши до 30 ноември 2017 година општина Битола и целиот регион што е под надлежност на СВР Битола се соочуваат со опасност од одземање на лиценца за полигон за полагање на возачки испит согласно член 244 од Законот за безбедноста на сообраќај од 2015 година“, додаде Козаров.

Од Одделението за урбанистичко планирање и заштита на животна средина во Општина Битола писмено соопштија дека се водат две постапки за донесување на урбанистички планови за изградба на полигон. Едната по иницијатива на приватен инвеститор во индустриската зона „Гегов бунар“ во Битола за што деновиве ќе се одржи јавна презентација и јавна анкета. Другата постапка е за изградба на полигон во Горно Оризари по иницијатива на Општина Битола. Постапката е во фаза на изработка на планска документација и добивање на мислења и согласности од надлежните институции, соопштија од општината.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG