Достапни линкови

Не се проблем протестите, туку заканите и повиците на насилство


Архивска фотографија: Протест пред Собранието против законот за јазиците
Архивска фотографија: Протест пред Собранието против законот за јазиците

Граѓаните може слободно да ја изберат локацијата на која ќе протестираат и тоа е дозволено со закон, но заканите и говорот на омраза се кривични дела за кои полицијата може да ги гони.

Премиерот Зоран Заев рече дека МВР презема дејствија во однос на протестите пред домовите на пратениците од владејачкото мнозинство, затоа што, како што рече, на тие протести има неколку кривични дела. Протестите се уставно загарантирано право, рече Заев, но тука има нарушување на приватноста на домот, закани и сеење страв за пратениците и за нивните деца.

„МВР презема дејствија, овде има неколку кривични дела што се прават, но сакам сите да знаат дека дечињата на пратениците, лично јас и сè што постои околу мене ќе ги заштитам“, рече Заев.

Речиси секојдневно се организираат протести пред домовите на пратениците од владејачкото мнозинство кои изобилуваат со навреди и со говор на омраза, но може да се слушнат и закани.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет на Македонија, Уранија Пировска, вели дека граѓаните имаат право слободно да ја изберат локацијата на која ќе протестираат и тоа не е противзаконско, но говорот на омразата и заканите се кривични дела. Освен МВР, и Јавното обвинителство, по допрен глас да преземе мерки за говор на омраза, поттикнување на насилство и за загрозување на сигурноста на граѓаните.

„Кога станува збор на таа паралела со протестите што се одвиваа пред домот на Никола Груевски, тие се разликуваат по тоа што на тие протести не беше забележан говор на омраза и немаше закани по однос на сигурноста на Никола Груевски или на неговото семејство“, вели Пировска.

На протестите пред домот на пратеничката Фросина Ташевска-Ременски можеше да се слушнат бројни навреди, но и закани.

„Фросе, дојде Ќосе“, „Изрод македонски“, извикуваа насобраните пред нејзиниот дом.

Ременски преку Фејсбук порача дека нема да чека никој да поднесе кривична пријава, туку оти тоа ќе го направи таа лично, со сè што поседува како доказ за кажаното.

Пратениците пред чии домови се протестира обвинуваат дека зад протестите стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ и оти можеле да препознаат партиски активисти, па и поранешни функционери од оваа партија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, демантира дека тие како партија стојат зад протестите и оти не може да оправда насилство.

„Одговорноста за ова што се случува во Република Македонија е на страната на владејачкото мнозинство, бидејќи во многу наврати во минатото, без никаков аргумент, ги игнорираа апелите коишто ние како ВМРО-ДПМНЕ ги упативме кај нив и навистина жалам што сето ова и се случува на Република Македонија во моментов“, рече Мицкоски.

Се чини дека сепак најголема жртва на тензиите по донесувањето на законот за јазици засега е пратеничка од СДСМ, Славица Шуманска-Митева од Виница, чиј автомобил беше запален пред нејзиниот дом минатата недела.

Експертите предупредуваат дека злосторствата од омраза и насилството се последиците од неказнувањето на говорот на омраза и повиците на насилство.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG