Достапни линкови

Испраќањето на Еленовски во НАТО - главна тема во дневниот печат


Архивска фотографија: Лазар Еленовски
Архивска фотографија: Лазар Еленовски

Именувањето на Лазар Еленовски за специјален претставник на Македонија во НАТО е една од главните теми во дневниот печат. Весниците пишуваат и за тргањето на споменикот на Александар Македонски од скопскиот аеродром.

Кадровската политика на премиерот Заев повторно цел на критиките на јавноста и на медиумите. „Другарот на Груевски ќе ја претставува владата на Заев!?“ – гласи насловот во Слободен печат во врска со одлуката на Владата Лазар Еленовски да го именува за специјален претставник во НАТО во Брисел.

Вечер освен оваа вест го објави и соопштението на ДУИ дека Еленовски бил нивен предлог за Брисел.

Државата му најде работа на Еленовски за да остане во Брисел“ – наслови Независен, додавајќи дека ова се случува девет години откако Еленовски ги тужеше Шеќеринска, Горан Минчев и Горан Мисовски зашто ја објавија снимката на која Еленовски кажува дека Груевски во 2008 година бил подготвен да го смени името на државава.

Вечер ја пренесува ТВ 24 која објави дека в сабота ќе се сретнеле лидерот на ДУИ, Ахмети и новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Насловот во Вечер гласи: „Средба Ахмети – Мицкоски: За што ќе разговараат?“

Електронските изданија на весниците објавија дека од Меѓународниот аеродром со новото име „Скопје“ е отстранета скулптурата на Александар Македонски. Нова Македонија потсетува дека споменикот е поставен 2011 година со одлука на Владата на Груевски. Слободен печат го пренесе постот на таканаречените Тврдокорни дека ќе го блокираат Меѓународниот аеродром „Скопје“, зашто нападот против Александар Македонски бил „напад против целиот македонски народ‘“ – објавува весникот.

„Се расчистува случајот со палење на грчкото и на албанското знаме на протестот пред Собранието во Скопје“, ја објави Вечер изјавата на директорот за Бирото за јавна безбедност Лазе Велковски. На протестот бил повреден и еден полицаец, а во паркот Жена борец биле пронајдени пет шишиња молотови коктели.

Независен го пренесува дописникот на МИА од Атина дека „Грците му се лути на Јункер што нè нарекол Македонија“ и дека весникот Прото тема коментирал дека изјавата на Јункер доаѓа неколку дена откако канцеларката Меркел во Берлин го пречека „македонскиот премиер“.

Нова Македонија ја објавува изјавата на скопскиот градоначалник Шилегов дека „За пет споменици во Скопје се води судска постапка, донаторот не ги платил“, како што е случај и со пред некој ден отстранетиот споменик на Ќосето пред Судска палата.

„Планинари ќе пешачат 30 км. за да им однесат храна на завеани стари и изнемоштени лица во повеќе села од Осоговијата отсечени од светот поради големиот снег“, наслови Вечер, пренесувајќи го апелот на планинарското друштво Осогово за донирање лекови и храна за завеаните жители на селата во кочанскиот крај. Истиот весник објави дека поради снежни наноси веќе трет ден се отсечени и 250 жители на две села во Општина Ранковце.

Сите медиуми ја објавија веста дека премиерот Заев е во Софија каде што повторно ќе има средба со високите функционери на ЕУ, Јункер и Могерини и со лидерите на Западен Балкан на состанокот за можностите за забрзување на процесот на интеграција на овие земји во ЕУ и подобрување на меѓусебната поврзаност.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG