Достапни линкови

Неделници - роковите за името и немало чиста мета за Заев


Архивска фотографија - Средба на медијаторот Метју Нимиц со премиерот Зоран Заев
Архивска фотографија - Средба на медијаторот Метју Нимиц со премиерот Зоран Заев

Неделникот Капитал анализира за разговорите за името и насловува дека спорот е во фаза кога треба да се брза, ама внимателно. Фокус пишува за регионалната политика на премиерот и за Заев како мета на 27 април.

Капитал - Спорот за името во фаза кога треба да се брза, ама внимателно

„Спорот за името во фаза кога треба да се брза, ама внимателно“ – е насловена анализата во Капитал во врска со темата бр.1, а богами и со проблемот со нашето уставно име што го има соседна Грција, и ете, уште малку веќе три децении ги попречува нашите евроатлантски интеграции.

Откако ги наведува сите изјави, од наши и од грчки актери околу преговорите и главно предлозите објавени во грчките медиуми, но и изјавите на премиерот Ципрас и шефот на грчката дипломатија Коѕијас, Капитал констатира дека „моментумот“ не зависи само од расположението на владите, туку и од роковите забетонирани од изборите што догодина ќе се одржат и во двете земји. Оттука, пишува Капитал како доказ на својата теза, ако имаше најава за средба Димитров – Коѕијас на 15-16 февруари, таа се случи на 12-13 овој месец.

За можниот „тешкаш“ во процесот, Меркел најавуваа дека ќе дојде во Македонија во април, а сега се знае дека германската канцеларка ќе се сретне со Заев веќе на 21 месецов. Впечатокот е дека, и во меѓународните напори да не се пробие краткиот рок (пред Самитот на НАТО во јули) се прави сè за да се покријат сите ризици. Во контекстот, наведува Капитал, секако не е случајна и одлуката на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, Македонија да биде прва земја што ќе ја посети веќе на 25 февруари, во рамките на неговата турнеја низ државите на Западен Балкан, каде што ќе ја презентира Стратегијата на ЕУ за проширување.

Фокус - Има ли сидро регионалната политика на Заев?

Фокус, пак, прашува „Има ли сидро регионалната политика на Заев?“ За потоа, малку предупредувачки да напише дека Заев мисли оти неговата „протестантска“ благоречивост, простодушност, добронамерност и подадената рака се заразни и дека поради тоа што тој не е националист и е спремен на компромис и да попушта, и другите се спремни да го направат истото.

Фокус потоа ја „исфрла“ последната стрела: „Во меѓународната политика државите настапуваат со своите приоритети, заштитувајќи ги државните интереси. Понекогаш тие приоритети се директно спротивставени на македонските“, пишува неделникот.

Инаку, Фокус на насловната има застрашувачко-загатлив наслов и фотографија од раскрвавениот Заев во Собранието на 27 април минатата година: „Напаѓачот не пукал во Заев зашто немал чиста мета!“ Потсетувајќи дека истрагата за тој 27 април привршува, по што се очекува поднесување обвинителен акт, Фокус неофицијално дознава, како што наведува, детали за крвавото сценарио што требало да се одигра во законодавниот дом. Според изворот на Фокус, Зоран Заев тој ден требало да биде убиен, за што постоел и снимен телефонски разговор помеѓу двајца соговорници. Тој што требало да го изврши убиството се вадел дека немал чиста мета, открива покрај другото Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG