Достапни линкови

Монографијата „Шиле“ на Грозданов - ода за вистинското пријателство со Васил Шишков


Токму во денот кога требаше да го прослави 48 роденден, овој вторник на 30 јануари, во неговиот вистински дом во Македонскиот народен театар, беше промовирана монографијата за актерот Васил Шишков насловена „Шиле“ чиј автор новинарот и театарски критичар Борче Грозданов. За објавата чиј издавач е „Феникс“ ќе биде забележано дека е „ода за едно вистинско пријателство“.

Шиле ми е голема болка во животот. Тој го живееше животот само за едно – да се спои и да го достигне некако татко му. Сега се заедно и веројатно е задоволен. Само тоа ме теши. Инаку, Шиле ми беше другариште, да не речам брат. Сопатник со кој честопати и преку кавги си верувавме, си опониравме, но сепак бевме пријатели до крај. Тоа е таа тага што ја носам и која би сакал да ја споделам со светот. И мора да го кажам за него она што многумина не го знаат или, пак, грешно го интерпретираат.

Ова се зборовите што ќе ги откорне од себе новинарот и театарски критичар Борче Грозданов на крајот од мај 2015 година, непосредно пред промоцијата на неговата „Сништа и сеништа“, книга „напишана со страст, со став, со концепт“, а во која ќе се најдат и „искрените и доживеани напеви посветени на прерано починатиот актер Васил Шишков“.

А по само седум месеци, на првата годишнина од смртта на неговиот побратим и собеседник, истата таа 2015 Грозданов ги обнароди записите „Патникот“ во која проговори за дел од животниот пат на Васил, но и за „работите и случувањата кои задираа длабоко во неговата душа“. Со тоа приказната разбирливо си го продолжи своето течение.

​И, по нешто повеќе од две години авторот еве го со монографијата „Шиле“ што од печат излезе неодамна како издание на „Феникс“ од Скопје.

По тој повод, во текстот насловена како „Клучалка за сите“, Грозданов пишува: Да се распостели еден живот, човечки, човечно, непосредно, со сите недостатоци и доблести, а притоа да не се задржи дозата на воајеризам, да се исклучи сеирџизмот, неискрените намери, па дури и цинизмот, особено ако се работи за еден турбулентен бит, каков што е тој на Васил Шишков, не само што е невозможно, туку е и непожелно.
Ова е, пред се, така бидејќи, самиот тој си ја распостилаше душата, пред се и над се, знаејќи дека задгробното озборување не му бега, „копањето“ по неговите рани, исто така, само и само за да се задоволи eгото, помало од зрно прашина, на не мал број негови „душегрижници“!
За жал, тоа, беше негово секојдневие, па така, авторот на ова писание – животопис, не ја исклучува можноста дека и тој, но и сите вие, кои ќе допрете до ова четиво, нема да го осквернавите со некоја си своја “ квази тема за дилема“.

Од друга страна, режисерот Бранко Ставрев, чиј текст (монографија во монографијата како што ќе рече Грозданов) е поместен во „Шиле“, во неможност да присуствува на промоцијата во МНТ, до авторот ќе испрати писмо во кое вели:

„Книгата која му ја посвети на Васко е ода за едно вистинско пријателство.
Ти и Шиле, како Хамлет и Хорацио.
Хорацио, јас умирам, ти живееш; п р а в о да известиш за мене и мојот случај на н е д о и з в е с т е н и т е… Ако воопшто некогаш си ме имал при срце, откажи се од блаженството уште некое време, и во овој с у р о в свет здивот носи го со напор за мојата приказна да ја к а ж у в а ш …Ти навистина го имаше Васко при срце, и само ти можеше да го оствариш аманетот на твојот Хамлет.
П р а в о ги извести „оние што бледнеат и се тресат пред глеткава, што се само неми гледачи и сведоци на чинов“.

„Моето патешествие со Васил Шишков не е завршено. Тоа е времено некаде. Горе – долу ние се наоѓаме. Барем јас во своите мисли сеуште го наоѓам и мојот аманет кон него, мојот завет, со ова е речиси заокружен. Велам речиси бидејќи монографијата – албум е само вториот дел по првата книга „Патникот“ која се состои од анегдоти негови и мои и од тажни случки“, вели Борче Грозданов.

Борче Грозданов
Борче Грозданов

Тој дополнува дека со оваа монографија-албум читателите ќе имаат можност да се запознаат со она што го работел Васил Шишков (претставите, филмовите), но и со неговото семејство.

„Третиот дел од мојот аманет е драмата или едночинката, сеуште не сум начисто што ќе биде, за тоа како тој ја бараше мама и умре без да ја најде, а таа не дојде ни на испраќањето во неговото вечно почивалиште, појаснува авторот“, вели Грозданов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG