Коалицијата „Заедно за Каталонија“ што ја предводи доскорашниот каталонски претседател Карлес Пучдемон, сецесионистичката Републиканска левица и малата Кандидатура на народното единство имаат над 70 места во регионалниот парламент.
Предвремените избори ги свика шпанскиот премиер Маријано Рахој, откако ја отпушти каталонската регионална влада и го распушти регионалниот парламент кон крајот на октомври, по прогласувањето независност од страна на сепаратистичките регионални политичари.
Пучдемон оцени дека ова, како што рече, апсолутно мнозинство е победа на „каталонската република“ над шпанската држава.
„Шпанската држава е поразена, Рахој и неговите сојузници изгубија и добија шлаканица од каталонскиот народ. Го изгубија плебисцитот преку кој сакаа да го легализираат својот државен удар и Каталонија не помогна да го направат тоа можно. Рахој потона во Каталонија“, рече тој.
Пучдемон, кој ова го изјави во Брисел каде што се наоѓа во доброволен егзил, најави враќање во Каталонија и побара итно ослободување од затвор на неговите соработници.
Од друга страна, изборната победа со 37 освоени пратеници на партијата на центарот „Сјудаданос“ или „Граѓани“, која е против независноста на Каталонија, не беше доволна за да не му дозволи на сепаратистичкиот блок да формира парламентарно мнозинство.
До ова дојде поради лошите изборни резултати на конзервативната Народна партија на премиерот Маријано Рахој и на Социјалистичката партија.
Лидерката на „Сјудаданос“, 36-годишната адвокатка Инес Аримадас изјави дека изборниот резултат претставува јасна порака:
„Со овој резултат, како најголема единствена политичка сила во Каталонија, се покажа многу јасно дека мнозинството во Каталонија е за сојузот со остатокот од Шпанија и со Европејците. Националистичките партии никогаш повеќе нема да можат да зборуваат во името на целата Каталонија, бидејќи сите ние сме Каталонија“, рече таа.
Овие изборни резултати отвораат ново неизвесно поглавје и фрлаат сомнеж во способноста на премиерот Рахој да ја реши кризата што ја оштети економијата на Шпанија и предизвика деловен егзодус од Каталонија.