Вицепремиерката на Шпанија Сораја Саенс де Сантамарија оцени дека лидерот на Каталонија Карлес Пучдемон не знае каде се наоѓа и каде оди, откако во каталонскиот парламент беше потпишана декларација за независност која веднаш потоа е суспендирана.
„Ниту господин Пучдемон ниту некој друг не може да бара, без да им се врати на законитоста и демократијата, ниту да наметне медијација. Секој дијалог меѓу демократи мора да се одвива во рамките на законот, почитувајќи ги правилата на играта и да не се измислуваат во своја полза“, рече таа.
Претходно Пучдемон ја потпиша декларацијата за независност на Каталонија од Шпанија. Во документот се наведува дека се формира „Република Каталонија како независна, суверена и правна држава“.
Потоа тој, како што најави во неговиот говор во парламентот, ја суспендира примената на декларацијата повикувајќи на дијалог со централните власти, но врз основа на резултатот од референдумот за независност одржан на 1 октомври.
„Познато ви е на сите дека од утрото на референдумот имаше многу различни иницијативи за медијација, за дијалог и преговори на национално и меѓународно ниво, некои од нив јавни, а некои од нив не, но ќе бидат“, рече тој.
Поддржувачите на независноста на Каталонија ја поздравија „претпазливоста“ на Пучдемон. Таниа Хернандез вели:
„Звучи многу разумно, добро. Според мое мислење тие го следат вистинскиот пат и тоа беше она што мораше да се направи. Отсекогаш сакавме дијалог и сега и се дава шанса на Шпанија да го стори тоа. Независноста не може да се запре, ние ќе биде независни“, вели таа.
Анхел Алворадо пак вели:
„Нема страв, нема страв воопшто. Се разбира, постои типична неизвесност во врска со тоа што ќе се случи во иднина, но ние сме самоуверени и секогаш стануваме по падовите. Имаме економска моќ и човечка сила да основаме нова земја“, вели тој.
Околу 2,3 милиони Каталонци - околу 43 отсто од електоратот во овој североисточен шпански регион - гласаа на референдумот. Регионалните власти велат дека 90 отсто биле за независност.