„Цел свет ќе ви се смее“, ги коментира Зоран Донев зборовите на градоначалникот на Скопје, Шилегов во неделното интервју за РСЕ дека „сè уште нема конечни одлуки за спомениците од ’Скопје 2014‘“. А Зоран Бујчевски, дали со иронија или со потсмев, само тој си знае, додава: „Море цела Македонија и ќе им се отепа само ако ги чепнат“. Маја Мишковска Матевска дава поддршка за одлуката и вели: „Разумна одлука!“ Па се надоврзува на проблемот со коритото на Вардар: „Сè да се исчисти и тргне и да се вратат Вардар и коритото во едно разумно, а и законско ниво. Вардар има права, законски биолошки и европски! А за злоделата што му се направени освен пред нашите судови се одговара и пред светските! Каде се еколошките друштва, заштитниците на природните вредности!“ Тодор Стојчевски со контра: „Такви ко’ вас треба да се фрлат во Вардар“.
Одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против насилството врз сексуалните работнички во Скопје се чини се сфати на типично наш начин. За скудно облечените девојки во излогот на едно кафуле на булеварот „Св. Климент Охридски“, Ленче Петковска постира: „Мизерија, наместо градот да го украсат за Нова година и Божик ќе рекламира проституција, ѓубре влада ненормална!“ Нусрет Сакиповски со поширок светоглед: „Па нормално е по светов! Не е ништо страшно! Кој сака да си работи нека си работи!“ Аслан Неџатин Вејсел исто така со позитивен став: „Конечно нешто европски и кај нас“, а Никола Костовски со подбив: „Субвенции ќе давале и за оваа работа!“
По нашата информација дека „Грчката црква не сака бугарската да се меша во МПЦ“, Емил Бојковиќ, на кумановски дијалект постирал прашање: „Дали владике од МПЦ знев што сакав и дали некој им верува? Они су брука и срамота македонска“. Стојче Апостоловски се согласува со Емил и коментира: „Не само македонските, туку и сите православни и кривославни и другославни, сите водат примитивни политики, тие немаат врска со Бога, повеќе се со Сотоната отколку со Бога“.