Достапни линкови

Неделен печат - Македонците пиеле фалш лекови


Фокус пишува за фалсификувани лекови кои се нашле на македонскиот пазар, а од кои најмногу ќариле фирми блиски до поранешниот премиер Груевски. Капитал ја обраборува темата за политичката неизвесност во Германија.

Фокус - Фирми блиски до Груевски увезувале фалсификувани лекови

Застрашувачки делува насловната на Фокус дека „Фирмата на кумот на Груевски увезувала фалсификувани лекови од Турција“, всушност откритие на директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев, во ексклузивното интервју за Фокус, како што го најавува неделникот. Турската полиција, уште пред две години предупредила за подземни капацитети во Турција што произведуваат лекови за македонскиот пазар. Овие лекови, произведени од сомнителен извор, а спакувани во амбалажа на оригинаторите, доаѓаат во Македонија преку т.н. паралелен увоз, и уште пострашно, доаѓаат без каков било сертификат за квалитет затоа што законската одредба за тоа е укината во 2013 година, вели Дончев.

Директорот на Фондот за здравство делумно открива и кој најмногу ќарил од воведувањето паралелен увоз. „Три фирми што контролираат над 50 проценти од пазарот на паралелен увоз и се во директна кумска и роднинска релација со претходниот премиер, Никола Груевски“.

Капитал – Политичка неизвесност во Германија

Во рубриката Во фокусот на најновиот Капитал тема е политичката неизвесност во Германија по неуспешниот обид на досегашната канцеларка Ангела Меркел да формира владејачка коалиција. Некои аналитичари, коментирајќи ја ситуацијата на Меркел, велат дека местото на европски водач е празно во моментот кога ЕУ почна да ги враќа позитивните перспективи и сметаат дека политичката криза во земјата ја остава Унијата без главната движечка сила, па и не е исклучено тоа посериозно да ги погоди очекуваните големи реформи.

Политичките лидери на партиите што преговараа, потсетува Капитал во анализата, не веруваат во можноста да се најдат на средина по извесни важни (за нив) прашања, па претпочитаат нови избори. Самата канцеларка Меркел изјави дека спроведувањето нови избори е подобрата солуција, а опцијата - продолжување на коалициските преговори ја застапува само претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, кој ги повика лидерите на партиите да изнајдат консензус. Инаку, меѓу опциите воопшто ја нема онаа за малцинска влада. За Меркел, владеењето без мнозинство во Бундестагот, покрај другото, не е соодветно за канцелар на крајот на политичката кариера, а според анкетите, секој четврти Германец смета дека Меркел треба повторно да се кандидира за канцелар, ако има предвремени парламентарни избори.

Повеќето аналитичари сметаат дека и на евентуални нови избори е прашање дали ќе се поделат нови карти и оти од овие избори Меркел излегла зашеметена, но дека во моментот нема кој да застане на местото на кенацеларката во европските работи, и оти францускиот претседател Макрон е лидер, но кој не може да води без поддршка од Меркел, наведува Капитал.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG