Не постои генерален профил на еден терорист. Долг е списокот на фактори поради кои одредени индивидуалци се мотивирани да се приклучат во екстремистички групи, вели Мехрин Фарук, потпретседател на Светската организација за развој на ресурси и образование „Ворд“, во интервју за Радио Слободна Европа.
„Насекаде низ светот има толку многу различни мотиви или фактори кои можат да мотивираат некој да присвои таква идеологија која ги тера кон насилство. Истиот тип на регрутирање и радикализација и техники кои се преименуваат за некој да се приклучи кон некаква националистичка група се всушност истите тактики кои се применуваат и за некој да се приклучи во организација како Исламска Држава, Ал Каеда или Талибанците. Главно, бараат индивидуалци на кои им недостига чувство на припадност, кои најверојатно се маргинализирани, кои се безгласни, немаат каква било моќ да делуваат на некаква позитивна, конструктивна промена во нивните заедници. За некои индивидуалци причината е економска, би можела да биде затоа што терористичките организации им нудат финансиска помош, или поради тоа што се обземени со чувство дека нивната заедница има помалку од другите“, вели Фарук во интервју за Радио Слободна Европа.
Фарук која веќе неколку години работи на градење стратегии со помош на кои заедницата и луѓето ќе бидат помалку подложни на опасноста од насилниот екстремизам вели дека има широк опсег на иницијативи и проекти со помош на кои се намалува опасноста од ширење на оваа појава. Дел од иницијативите кои ги посочува како потребни се социјалната кохезија, мултикултурни размени, отворено зборување против екстремистичките наративи, социолошко-прихолошки советувања и сл. проекти.
И Македонија не е имуна на оваа појава. Околу 114 државјани на Македонија досега биле или се уште се наоѓаат на фронтовите во Сирија и Ирак, а сеумдесеттина од нив се вратиле дома, посочува Самет Шабани, истражувач за безбедносни политики во организацијата „Аналитика“. Истражувањата кои тие ги работеле покажуваат дека главната причина за заминувањето на тие луѓе била бесперспективноста предизвикана од неповолната економска ситуација.
„Самото општество веќе е под влијание на оваа појава и затоа е важно најпрво да се врати довербата кон јавните институции за да можат да ce преземат поконкретни мерки и да се воспостави добра соработка помеѓу општеството и институциите за елиминирање на насилниот екстремизам“, вели Шабани.
Тој додава дека ризикот од ширење на оваа појава се намалил по антитерористичката операција „Ќелија“, кога пред две години МВР ја спроведе против осомничени структури на Исламската држава во Македонија. Во акцијата беа уапсени девет лица, а 27 беа недостапни за полицијата. Сите беа осомничени за организирање и врбување на поединци да заминат во паравоените формации на Блискиот исток, но и за учество во силите на ИСИЛ.