Обвинителите во судот во Менхетен изјавија дека Сајфуло Саипов побарал црно знаме на Исламската држава во неговата болничка соба откако беше застрелан од полицијата, наведувајќи дека „се чувствувал добро за она што го сторил“.
Саипов беше доведен на суд во инвалидска количка врзан со лисици, за да се соочи со обвинувањето. Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер напиша дека Саипов заслужува смртна казна.
Обвинителите изјавија дека Саипов се откажал од своите законски права и отворено признал дека го извршил нападот додека бил испрашуван во болницата.
Во меѓувреме, ФБИ соопшти дека во врска со случајот е испрашуван уште еден Узбек, 32-годишниот Мухамадзоир Кадиров.
Обвинителите соопштија дека Саипов имал 90 видеа и 3.800 фотографии на еден од неговите два мобилни телефона, многу од нив со пропаганда поврзана со ИД, вклучувајќи и фотографии на затвореници кои биле обезглавени или застрелани.
Во судските документи се наведува дека Саипов намерно ја избрал Ноќта на вештерките, бидејќи верувал дека ќе има повеќе цивили за убивање.
Мирахмам Муминов, долгогодишен познаник на Саипов, за „Вистинско време“ изјави дека Саипов имал несогласувања со другите членови на узбечката заедница во државата Охајо.
Но, тој рече дека во Саипов не видел знаци на радикализам.
„Саипов се пресели во Охајо и живееше тука три години. Кај него не видовме карактеристики на терорист. Тој беше агресивен млад човек со романтично чувство за авантура“, вели тој.
Нападот во Њујорк брзо стана политичко прашање во Соединетите Држави откако Трамп го потенцира имигрантскиот статус на Саипов во ветувањето дека ќе се бори против имиграцијата.
Тој притоа рече дека сака да ја елиминира програмата за визна лотарија преку која Саипов дојде во САД во 2010 година. Трамп, наведувајќи дека треба да се дејствува порешително, го повика Конгресот да ја прекине оваа програма:
„Лотариска разновидност: звучи убаво; тоа не е убаво. Не е добро. Не е добро; тоа не е добро. Ние сме против тоа“, вели Трамп.
Тој го нарече Саипов „животно“, а не ја исклучи можноста тој да биде испратен во американскиот воен затвор во Заливот Гвантанамо на Куба.