Достапни линкови

Седумстотини деца чекаaт прием во градинка во Куманово


Детската градинката „Ангел Шајче“ во Куманово.
Детската градинката „Ангел Шајче“ во Куманово.

Капацитетот на градинката во Куманово е околу 1000 деца, а уште 700 чекаат на листата за прием. Раководството на градинката повеќе од една деценија бара помош од Општината и Министерството за труд да се прошири капацитетот, а позитивен одговор добиле пред неколку месеци.

Капацитетот на градинката „Ангел Шајче“ и во двата центри за ран детски развој во Куманово е 1.030 деца, во 49 воспитни групи од кои две се билингвални, македонско-српска и македонско-албанска, а седумстотини деца се на листа кои чекаат да се ослободи некое место за да бидат примени на згрижување, вели директорката Марина Алексовска. Таа додава дека деца од албанскиот етникум се згрижени и во јаслени групи каде што има воспитувачки од нивната припадност, а со проширување на капацитетот ќе се создадат уште две групи за децата Албанци.

Оваа кумановска градинка бележи шеста деценија од своето постоење, а секоја година се зголемува потреба од згрижување деца. Алексовска вели дека повеќе од една деценија барала помош од Општината и од Министерството за труд и социјална политика да се прошири капацитетот, а дури во август годинава Министерството се зафатило при што беше започната преадаптација на дел од објектот на поранешниот Пионерски дом (Центар за детско творештво).

„Конкретно станува збор за една јаслена група и две градински групи кои ќе бидат хетерогени како и јаслето“, вели Алексовска.

Во овој објект требало да биде сместена и една училишна група и тоа од почетокот на октомври. Според Алексовска градежните работи во објектот доцнат поради некои непредвидени појави кои се последица на опожарениот покрив пред негова адаптација. Меѓутоа, се очекува работите да се финишираат и во втората половина на ноември голем број од децата да бидат згрижени.

И додека статистиката покажува намалување на наталитетот, се наметнува прашањето зошто се јавува потреба од проширување на капацитетот во градинка. Психолозите велат дека младите родители, дури и ако едниот е невработен, во градинка гледаат најдобар начин за социјализација и едукација на нивните деца. Можеби и ниската сума за месечно згрижување на децата при што не е за занемарување и социјалниот момент.

Затоа и според Алексовска се планира целиот објект на Пионерскиот дом да се преадаптира за потребите на градинката.

„Во преговори сме со Министерството и со Општината со што инсистираме салата за приредби да биде реновирана и да остане како сала, бидејќи ние како градинка имаме голем број активности кои можат да се презентираат во таква прекрасна сала. Местоположбата на Пионерскиот дом е помеѓу две основни училишта и Гимназијата, така да тој простор би можел да се искористи за повеќе потреби“, вели таа.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG