Во ВМРО-ДПМНЕ почнала внатрепартиската дискусија за резултатите од изборите во неделата, потврди партискиот портпарол Иво Котевски, не откривајќи повеќе детали.
„Кога ќе бидат финалните анализи, откако ќе заврши дискусијата, јавноста ќе биде информирана“, вели Котевски.
Сепак на прашањето дали евентуалната оставка на претседателот на партијата Никола Груевски е дел од тие дискусии, Котевски се повикува на прес-конференцијата на нивниот лидер на која, како што вели, ги кажал првичните оценки.
Груевски по поразот во неделата рече дека тој има највисока одговорност и дека за сето тоа и идниот правец ќе се дискутира веднаш по изборите.
И додека актуелните високи партиски структури се чинат затворени за дискусија, за евентуална оставка на нивниот претседател, такви дебати почнаа во јавноста од луѓе кои важат за блиски до ВМРО-ДПМНЕ или се дел од партијата.
Тешко до оставка на Груевски
Влатко Атанасоски, кој е дел од групата таканаречени реформатори, која веќе извесен период бара реформи во партијата, очекува до оставката да не дојде лесно.
„Според мене, оставката не би била предизвикана воопшто од тенденцијата, расположението и од јасната порака на изборите, туку ќе биде резултат на лична проценка на Груевски кога би било тоа возможно и дали воопшто би се одлучил на таков чекор“, вели Атанасоски.
Тој тврди дека Груевски покажал авторитарен стил на владеење што значело и дека зад одлуката за оставка стои лично тој и би одлучувал во зависност само од неговата лична проценка.
Новиот лидер да не се бара меѓу „старите“ лица
Веќе извесен период во јавноста се шпекулира со имињата на неколку личности за евентуални наследници на Груевски, а најчество споменувани се двајцата поранешни министри за надворешни работи, а сега пратеници Никола Попоски и Антонијо Милошоски.
Според Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки, новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ не треба да се бара меѓу личностите од досегашното опкружување на актуелниот водач.
„Мислам дека новиот лидер не може да биде никој од екипата на Груевски, затоа што сè додека новиот лидер на го тргне бремето на партијата од Груевски ќе има проблеми и дополнително ќе му биде отежната за победа на кој било наредни избори“, вели Гаџовски.
Инаку Груевски самиот го употреби терминот одговорност два пати во последниов месец. Првпат пред изборите на новинарско прашање дали е подготвен да си поднесе оставка од челната позиција во партијата ако ги изгуби изборите кратко одговори дека претседателот на партијата ја носи најголемата одговорност. Вторпат истото го спомена во неделата вечерта.
Ако не се одлучи да поднесе оставка или ако тоа од него не го побараат партиските органи, тој има можност да биде на чело на партијата уште околу две години. Последен пат беше избран за претседател во мај 2015 година, а мандатот му трае четири години кога пак би требало да има редовен конгрес.