Минатата година кај нас се доселиле ни помалку ни повеќе туку 4.460 странски државјани, од кои со привремен престој се нешто малку над 2.400 лица, а со продолжен престој нешто над 1.900 лица. Овие податоци на Државниот завод за статистика ги објави Нова Македонија под наслов:
„Странци се доселуваат во Македонија за брак и работа“.
Истиот весник објави и дека „Собранието го донесе Законот за стечајни работници“ кој претходната влада не успеа или не сакаше да го донесе. Со овој закон, материјално се обезбедуваат 3.000 невработени лица кои останаа без работа поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата.
„Од октомври нема повеќе плаќање на радиодифузната такса, а минималната плата ќе биде 12.000 денари“ – информира Вечер од прес-конференцијата на министрите Манчевски и Царовска.
Од првичните ветувања на Владата на Заев останува уште Законот за јазици, кој веќе подолго време не може да ги помине процедуралните прво и второ читање на пленарна седница во Собранието поради честите паузи што ги бараат координаторите на десетте пратенички групи на новата опозиција. Нова Македонија, и другите печатени медиуми најавуваат дека „Во Собранието денеска продолжува расправата за Предлог-законот за употреба на јазиците“, за кој опозицијата обвинува дека е неуставен и дека неговата примена ќе довела до двојазичност на целата територија на државата. Парламентарното мнозинство, пак, смета дека Законот е во согласност со Уставот и не го нарушувал унитарниот карактер на државата.
Медиумите ја следат и посетата на премиерот Заев во САД, каде што во Њујорк учествува на Генералното собрание на ОН, а за в петок е најавено негово обраќање во светската организација. Вечер и Нова Македонија објавија и дека Заев имал кратка средба со претседателот Трамп, и дека тој и членовите на делегацијата Никола Димитров и Едмонд Адеми се сретнале и со претставници на иницаијативата Македонија 2025, со лидерите на Обединетата македонска дијаспора и со претставници на Форумот за демократска Македонија.
Слободен печат и Вечер го пренесуваат пишувањето на германски Франкфутер алгемајне цајтунг дека било можно по локалните избори, македонската влада да реши да го преименува аеродромот „Александар Велики“ во „Мајка Тереза“. Вечер оваа информација ја објавува во наслов со прашалник и извичник на крајот.
Порталот Плусинфо ја објави веста што во средата ја забележаа речиси сите телевизии:
„Груевски и Мијалков си ги бараат пасошите“ бидејќи им требале за службени патувања надвор од земјава.
Во информацијата се потсетува дека пасошите им се одземени поради обвиненијата поднесени од Специјалното јавно обвинителство за повеќе кривични дела.
Слободен печат на насловната реагира и прашува: „Како Јохан Тарчуловски извадил потврда дека не бил осудуван – Хашки осуденик за градоначалник? Резил!“ Тарчуловски инаку е предлог на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кисела Вода.