Странските директни инвестиции ја чинеле Македонија околу 225 милиони евра во периодот од 2007 до мај 2017 година, како што е наведено во анализата на Владата. Во сумата се вклучени кеш грантови за кои, како што е наведено, биле издвоени речиси 26 милиони евра, а нешто над 69 милиони евра Македонија загубила од даночните и царински олеснувања, додека околу 130 милиони евра биле потрошени за привлекување на странски инвеститори.
Во изминатите десет години во земјата влегле 25 компании кои вработиле вкупно 20 илјади лица. Доколку се подели бројката на потрошени пари за странските директни инвестиции излегува дека секој работник Македонија ја чинел во просек по 11 илјади евра.
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, на денешната прес-конференција наведе дека мнозинството од вработените не биле невработени лица, туку тие биле преземени од македонското стопанство. Според него, не постоеле ниту критериуми за преговарање со инвеститорите и компаниите добивале различни суми на помош.
„Македонија платила, односно сите ние 11 илјади евра за отварање на секое едно од тие 20 илјади работни места. Ова било политика за економско шоу, а не политика за економски раст“, рече Бошњаковски.
Само еден процент од парите, според него, странските компании го користеле за трошоци од македонски набавувачи. Договорите со компаниите се склучени на рок од 10 години. Бошњаковски потенцираше дека сите овие договори се уште се на важност и Владата ќе ги исполни во целост обврските кон сите странски инвеститори.
„Тоа е во компилација од повеќе работи. Но тоа е пред сè во интерес на граѓаните на Република Македонија. Сè што направи оваа Влада е да го штити интересот на граѓаните, преку штитење на интересот на нивните пари“, посочи Бошњаковски.
Во кеш грантовите спаѓаат креираните работни места, обуките и градежните работи. Бошњаковски освен прес- конференција за деталите околу тоа каде се завршиле парите за трошоците за привлекување на странски инвеститори, најави и анализа од нивниот бенефит.
На прашањето дали ќе бараат одговорност и дали има сомневања за сторено кривично дело тој посочи дека тоа ќе биде познато по заклучокот од анализата и сите материјали ќе бидат доставени до правосудните органи.