Теоретски возможно, но тешко остварливо е ветувањето на владата дека до крајот на мандатот, просечната плата во земјава ќе достигне 30 илјади денари, а минималната плата ќе биде 16 илјади денари. До тоа може да се дојде само доколку економските политики го поттикнат стопанството повеќе да инвестира и ако економскиот раст биде повисок.
Минималната плата во моментов е 10.080 денари, освен во текстилната и кожарската индустрија, каде што е 9 илјади денари. Владата најави дека со ребалансот на буџетот што сега се подготвува, минималната плата за сите ќе се зголеми на 12 илјади денари. Околу 43 проценти од вработените во Македонија заработуваат плата пониска од оваа сума.
Според владините ветувања, минималната плата до 2020 година ќе достигне 16 илјади денари, а просечната плата ќе биде 30 илјади денари. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека просечната плата во април била 22.672 денари. Во изминатите осум години, таа се зголемила за помалку од 2.500 денари, па се наметнува прашањето колку е реално да се очекува дека ќе се зголеми за 7.500 денари во наредните четири години.
Извршната директорка на Finance Think - Институтот за економски истражувања и политики во Скопје, Благица Петрески, вели дека, според моменталните пресметки, минималната плата до 2020 година би можела да надмине 13 илјади денари, а просечната плата да биде 26.500 денари.
„Сепак, доколку настанат промени на забрзан економски раст и доколку имаме инвестиции коишто ќе го поттикнат овој економски раст, би можеле да очекуваме просечната плата да расте и над овој износ. Сепак, дали 30 илјади денари е возможно и очекувано, потребно е да почекаме на тоа какви економски политики ќе бидат преземени и како тоа ќе се одрази врз целокупната економија. Тоа е возможно, меѓутоа под одредени претпоставки дека економскиот раст ќе биде повисок и дека економските политики ќе го поттикнат бизнис секторот за позасилени инвестиции“, вели таа.
Академик Абдулменаф Беџети вели дека за просечната плата во наредните четири години да порасне за 30 проценти, треба исто толкав да биде и економскиот раст, што е малку веројатно.
„Проекциите за покачување на просечната плата за околу 30 отсто во наредните четири години треба да биде директно корелирани со просекот на пораст на економијата. Сè што е над тој просек е неодржливо, ниту, пак, има некои реални инструменти за тоа да се поддржи. Така што мислам дека тоа повеќе е определба или можеби желба, меѓутоа реално не може да биде остварено, затоа што тоа треба директно да биде поврзано со порастот на продуктивноста и генерално на целата економија на агрегатно ниво“, вели Беџети.
Според предизборните ветувања на СДСМ, носителите на економскиот раст ќе бидат домашните микро, мали и средни претпријатија кои владата ќе ги стимулира со 140 милиони евра во текот на мандатот. Владата предвидува просечен раст на економијата од 5 насто годишно. Народната банка за годинава предвидува економски раст од 2,5 насто, а за догодина од 3,2 проценти.