Достапни линкови

Несогласувањата меѓу Наставничкиот пленум и СОНК не сопираат


Јаким Неделков, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура, СОНК.
Јаким Неделков, претседател на Синдикатот за образование, наука и култура, СОНК.

СОНК се сомнева во намерите на Наставничкиот пленум и во синдикати кои, како што велат, се формираат по нарачка. Претседателот на СОНК, Неделков реагира на изјавата дека Пленумот размислува за формирање нов синдикат.

Незадоволството на дел од просветните работници од работата на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) е нормална работа која нема да го обесхрабри раководството во нивното делување, вели преседателот на СОНК, Јаким Неделков во интервју за Радио Слободна Европа. Неговата реакција следува по интервјуто со професорот Енвер Ајдини, еден од основачите на Наставничкиот пленум, кој истакна дека членовите на Пленумот размислуваат за формирање на нов синдикат, затоа што со години, според нив, СОНК не успева да ги реализира барањата и потребите на просветните работници и затоа што, како што вели, досега се забележува дека СОНК се согласил со сите реформи кои според нив се негативни.

„СОНК погреши што го прекина штрајкот без да се консултираат со нас, тоа беше моментот што не натера да расмислиме дали да останеме во Синдикатот или не. Ние забележавме дека сите реформи кои беа донесени од страна на Министерството, Синдикатот ги прифаќаше. Можеби од време на време ќе го подигнеше гласот за нешто, но, пак на крај ќе се договореа и ќе останеа истите работи несменети“, изјави во интервју за радио Слободна Европа Енвер Ајдини.

СОНК се сомнева во намерите на Наставничкиот пленум

На ваквите тврдења Неделков изрази сомнеж во намерите на Наставничкиот пленум и во, како што вели, другите синдикати кои се формираа во одреден период.

„Впрочем се виде дека тие организации се создадени по нарачка, затоа што по менување на власта, еден добар дел на лидери синдикални или на други организации веднаш испливаа и дојдоа на некакви раководни места, директорски, чиновнички или раководни места во министерствата, што само по себе покажува дека се работи за лично промовирање во таа организација, отколку што таа организација може да направи“, вели Неделков.

Синдикатот незадоволен од Министерството за образование
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:33 0:00

Во однос на обвинувањата во јавноста дека СОНК тивко ги прифати сите реформи на ВМРО-ДПМНЕ, Неделков вели дека Синдикатот само делувал конструктивно, затоа што со тек на време наставниците ги прифатиле истите тие реформи како што е електронскиот дневник кој, како што вели, беше многу плукан во јавноста.

„Јас од моето долгогодишно искуство како просветен работник, знам дека секоја новина во воспитно образовниот процес наидува на отпор и негативност, но со текот на времето како ќе се навикнеме на новите методи и пристапи на работа, тогаш сите заеднички ќе констатираме дека така било подобро да се работи,“ објаснува тој.

Ајдини пак, смета дека проблемот во претходните реформи било што тие се воведувани без консултација со наставничкиот кадар и без подготовка и обезбедени услови за нивно целосно спроведување.

„Не може ние да се однесуваме како да сме Финска, затоа што во Финска Кембриџ проектот е успешен, но таму и условите се добри. Тоа е она болното во нашата држава, се носи реформа пред да се обезбедат услови за тие реформи. Се копираат проекти кои се интересни во други држави без да се консултираат со луѓето кои се вклучени во нивното спроведување“, вели Ајдини.

Ајдини - долга е листата на проблеми во образованието
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:46 0:00

Од друга страна пак на обвинувањата дека СОНК делува партиски во одбрана на ВМРО-ДПМНЕ, Неделков негира и вели дека Синдикатот е отворен за соработка со секоја владејачка гарнитура, затоа што со опозицијата не може да ги исполнуваат барањата на членството, туку преку власта.

На прашањето зошто како Синдикат ја поддржаа одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција на осомничените од поранешниот владејачки врв, Неделков вели дека и тогаш и сега смета оти тоа била мудра и праведна одлука на Иванов.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG