Достапни линкови

„Ќе дојдат децата“ на Јакимска - победник на фестивал во Шпанија


„Ќе дојдат децата“ на Ана Јакимска ја освои наградата за најдобар краток филм на Меѓународниот филмски фестивал Мекиненса што деновиве се одржа во Шпанија. Ова е прва награда за делото на македонската режисерка, која веќе работи на своето ново остварување – долгометражниот игран филм „Полноќен воз“.

Во конкуренција на 25 филмови од 17 земји кои учествуваа на штотуку завршениот Меѓународен филмски фестивал Мекиненса, во областа Арагонија во Шпанија, „Ќе дојдат децата“ на Ана Јакимска е добитник на главната награда за најдобар краток филм. Ова е прва награда за актуелното остварување на македонската режисерка за кое интернационалното жири ќе забележи дека „поседува исклучителен естетски квалитет и дека успешно ја гради атмосферата што произлегува од драмата на младата учителка Велика (Наташа Петровиќ) која пристига во едно планинско село за да ги учи децата, но единствениот човек што го среќава таму е старата служителка на училиштето (Шенка Колозова). Додека ги чека децата да дојдат во училиштето, таа открива поинакви животни тајни.“

Филмот е работен по сценарио на Бранко Костески, во него настапува и Владимир Петков, директор на фотографија е Наум Доксевски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Милена Атанасова, шминка Ѓулфери Качаревиќ, а продуценти се Дејан Крајчевски и Марија Димитрова. Ова остварување на „Круг филм“ финансиски симболично беше поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, а беше реализирано во соработка со Факултетот за драмски уметности од Скопје.

По убавата вест Ана Јакимска знае да каже дека нејзе лично и е многу мило што успева пораката што со себе ја носи „Ќе дојдат децата“. Што сценариото на филмот е јасно и што целата приказна функционира и надвор од земјава. Истакнува дека за неа како режисерка тоа е најважно и оти таквиот след на настаните единствено може само да ја мотивира во натамошните исчекори.

„Секогаш се надеваш на најдоброто, ама не можеш да бидеш сигурен додека не биде завршен филмот. Додека не почне публиката да го гледа и да реагира на него. Особено заради тоа што сторијата е алегорично раскажана. „Ќе дојдат децата“ не е класичен драма наративен филм туку сè е направено преку алегорија, преку метафора. Такашто кога го правевме филмот не бев сигурна дека ова ќе функционира како што функционира на еден поширок план, та затоа сега ми е многу драго што така испадна“, вели Јакимска.

Инаку, „Ќе дојдат децата“ во изминатиов период беше номиниран за најдобар краток филм на престижниот филмски фестивал во Шангај, беше прикажан и во официјална селекција на филмските фестивали во Јужна Африка, Мароко, Италија, Црна Гора и Албанија, а деновиве ќе биде претставен и на „Ферфилм“ во Урошевац, Косово.

„На почетокот на октомври филмот ќе биде прикажан во официјална конкуренција на интернационален фестивал во Мароко, потем одиме на една значајна интернационална филмска манифестација во Полска...а имаме и уште неколку други закажани појавувања по светот. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите“, појаснува режисерката.

Во меѓувреме Ана Јакимска сите свои креативни потенцијали ги усмери на својот дебитантски долгометражен игран филм „Полноќен воз“, кој во август 2015 година ја доби единствената награда која беше доделена на меѓународната работилница за развој на сценарио Midpoint, што се одржа во Република Чешка. Сценариото за филмот е веќе готово, со него е аплицирано во Агенцијата за филм за финансиска поддршка, постојат и неколку договори за копродукција со продуценти од соседните Србија и Грција и екипата со нетрпение чека да започне со снимањето на ова остварување со навистина интересна приказна.

„Полноќен воз“ е сценарио за долгометражен филм чие дејство се одвива во три градови - во Скопје, Белград и во Солун. Филмот има фрагментарна структура такашто во него следиме три различни судбини на три различни жени, појаснува Ана.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG