Дете со 53 убоди од комарци деновиве завршило на лекар. Убодите предизвикале чешање, а за среќа не и други компликации. Ова е само еден од многуте случаи на пациенти со убоди од инсекти кои ова лето побарале лекарска помош. Дезинсекција во Битола сè уште не е направена, иако летото е во полн ек. Битолчани се жалат на зголемена појава на инсекти, посебно по парковите, летни бавчи и на места каде има водени површини како фонтани.
„На деловите каде има теченија на води или бари, наречени стоечки води, има голема количина на комарци.“
„Треба да се пази кога излегувате во природа, опасност да бидете каснат постои.“
„Во паркот врие од комарци, не може човек да поседи на раат.“
„Комарци има доста и редовно напаѓаат. Се справуваме со затворање на прозорци, врати. Ги бркаме, нешто со прскање. Но, треба да се запраши, односно да се испрска, општината да преземе нешто“, коментираат битолчани.
Во Битола воопшто не започнала превентивната систематска дезинсекција која ја организира општина Битола, а до лани ја спроведуваше Центарот за јавно здравје. Од општината велат дека допрва ќе следува нов тендер за избор на правен субјект кој ќе изврши дезинсекција.
„По објавената постапка за јавна набавка не се јави ниеден понудувач и поради тоа постапката е поништена. Во тек е подготовка за објавување на нова постапка за јавна набавка“, велат од општината.
До лани во овој период веќе се изведуваше втората фаза од дезинсекцијата во градот. Годинава дури и руралните општини во борбата со инсекти ја претркаа Битола.
„Во Демир Хисар и Могила се спроведува втората фаза од дезинсекцијата, а и во Ресен ќе продолжи деновиве. Во општина Битола не започнала дезинсекцијата, имаше еден тендер кој пропадна, некако се пропуштија роковите за пријава и во тек е нова тендерска постапка“, ни рекоа од Центарот за јавно здравје.