Достапни линкови

Вирусот зика шири страв низ светот


Вирусот зика шири страв низ светот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:02 0:00

Вирусот зика шири страв низ светот

Со предупредувањето дека вирусот зика „експлозивно се шири“, шефицата на Светската здравствена организација Маргарет Чан свика итен состанок в понеделник во Женева за да се детерминира интензитетот на оваа глобална закана. Се сомнева дека вирусот предизвикува раѓање деца со ненормално мали глави.

Случаи со ваков вирус има забележано во 23 земји во светот, рече Маргарет Чан, додавајќи дека за прв пат се шири толку брзо откако е идентификуван во 1947 година во Уганда.

Овој вирус со децении циркулирал во Африка и Азија, а во последно време и во Јужна Америка, но никогаш не предизвикувал голема загриженост.

„Ситуацијата е драматично поразлична“, оцени Чaн, наведувајќи дека нивото на тревога е екстремно високо.

„Експлозивното ширење на зика вирусот во нови географски области, каде што населението не е имуно, е уште една причина за загриженост, особено со оглед на можната поврзаност меѓу инфекцијата за време на бременоста и бебињата родени со мали глави“, рече шефицата на Светската здравствена организација Маргарет Чан.

Експлозивното ширење на зика вирусот во нови географски области, каде што населението не е имуно, е уште една причина за загриженост, особено со оглед на можната поврзаност меѓу инфекцијата за време на бременоста и бебињата родени со мали глави.
Маргарет Чан, шефица на Светската здравствена организација.

Инфекцијата со вирусот зика вообичаено трае една недела, а заболениот има малку повисока температура и не предизвикува смрт.

Но, Лоренс Гостин од Институтот за национално здравство во Вашингтон вели дека длабоко загрижува тоа што постои сомневање оти болеста, која има експлозивен пандемиски потенцијал, предизвикува ненормален развој кај неродените бебиња.

„Во наредните две години ќе се соочиме со големо ширење на овој вирус во Северна Америка и Европа. Станува збор за сериозна работа и мора така да и пристапиме“, вели Гостин.

Најмногу е погоден Бразил кој е домаќин на годинашните Летни Олимписки игри. Таму се регистрирани над милион случаи, а откриен е вирусот и во мозокот на бебињата кои се родиле со мали глави.

Нивниот број во Бразил е во постојан раст. Тие во подоцнежниот развој се хендикепирани и не живеат долго. Не постои третман или вакцина против вирусот зика.

На луѓето во погодените подрачја единствено им се препорачува да се штитат од комарци, а во некои земји во Јужна Америка се советуваат жените да не забременуваат до 2018 година.

Соединетите Држави, Британија и некои други земји, каде што деновиве имало случаи на заболени со вирусот зика, на бремените жени им препорачуваат да не одат во подрачјата каде што се шири оваа зараза.

Во тек се забрзани истражувања за развивање вакцина и за натамошно барање докази за последиците на овој вирус врз развојот на бебињата, но според експертите, тоа би можело да потрае десетина години.

Затоа тие страхуваат дека дотогаш оваа инфекција би можело да се прошири во сите делови на светот, освен во Канада каде што досега не е забележан видот на комарци кои го пренесуваат вирусот зика.

Се проценува дека до крајот на годинава би можело да има над четири милиони заразени со овој вирус.

Некои експерти предупредуваат дека, освен во земјите на Јужна Америка, наскоро ќе имало случаи на родени деца со ненормално мали глави и во Северна Америка и Европа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG