Вести
ВМРО-ДПМНЕ - Заев и Владата да ја внесат Македонија во ЕУ и НАТО
Владата на СДСМ треба да ги исполни ветувањата дадени пред граѓаните и да ја внесе државата во ЕУ и НАТО, соопшти денеска ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека Заев и Владата треба да го искористат моментот и да ја внеста Македонија во ЕУ и НАТО за три до шест месеци, како што ветиле на изборите.
ВМРО-ДПМНЕ ги поздравува средбите и телефонските разговори кои ги остварил Заев со лидерите на поважните земји од меѓународната заедница од кои добил поддршка за реформите, се вели во соопштението, во кое се нагласува оти со тоа дефинитивно е отстранета секаква дилема дека ВМРО-ДПМНЕ е пречка за членство на Македонија во ЕУ и НАТО и дека како партија веднаш ќе гласа во Парламентот за членството на Македонија.
види ги сите денешни вести
Зеленски во ЕП повика на фер и праведен крај на војната во Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика да се стави крај на војната во Украина на „фер и праведен“ начин и оцени дека рускиот претседател Владимир Путин нема да застане сам.
Во видео порака емитувана на специјалната пленарна седница на Европскиот парламент, по повод 1000 дена од почетокот на војната во Украина, Зеленски предупреди дека контингентот севернокорејски војници во Русија, на границите со Украина, може да достигне 100 000.
„Рускиот претседател Владимир Путин донесе 11 000 севернокорејски војници на границите на Украина. Овој контингент може да порасне до 100 000“, рече Зеленски, оценувајќи дека Путин е фокусиран на победа во војната.
Тој додаде дека без одредени клучни фактори, на Русија „ќе и недостасува вистинска мотивација да се вклучи во значајни преговори“.
Украинскиот претседател оцени и дека „секој удар и секоја закана од Русија мора да бидат одговорени со цврсти санкции“.
„Илјада дена беа потребни за радикално да се намали способноста на Русија да ја финансира војната со продажба на нафта. Нафтата е извор на моќта за режимот на Путин. А флотата на танкери во сенка е она што го одржува во живот. Се додека овие танкери работат, Путин продолжува да убива“, рече тој.
Зеленски истакна дека се неопходни силни санкции против Русија.
Во исто време, тој го обвини Путин дека ги цени само парите и моќта.
„Ако некој во Европа мисли дека може да ја продаде Украина на Москва или на која било друга земја како балтичките земји или Балканот, Грузија, Молдавија и да добие нешто за возврат, нека се сети на оваа едноставна вистина: никој не може да ужива во мирните води во среде бура. Мораме да направиме сè за да ја завршиме оваа војна чесно, праведно и заедно“, рече Зеленски.
Зеленски рече дека Украина, цела Европа и украинските партнери во САД и во светот успеале не само да го спречат Путин да ја окупира Украина, туку и да ја одбрани слободата на сите европски народи.
Радмила Шекеринска избрана за заменик генерален секретар на НАТО
НАТО објави дека поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска ќе стане нов заменик генерален секретар на воената алијанса.
„Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар. Таа е вистински посветена на НАТО, ја знае работата што е потребна за приклучување во Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа кога ќе ја преземе оваа витална улога“, изјави шефот на Алијансата, Марк Руте.
Пополнувањето на заменичката позиција беше еден од приоритетите на генералниот секретар Марк Руте, кој ја зазеде функцијата на 1 октомври.
Неколку функционери на НАТО, кои зборуваа под услов да останат анонимни, за Радио Слободна Европа изјавија дека имало силна желба заменикот да биде од Централна и Источна Европа и да биде жена.
Меѓу другите кандидати беа поранешната бугарска министерка за надворешни работи Марија Габриел, поранешната претседателка на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ и Оливера Ињац, која беше министерка за одбрана на Црна Гора 2020-2022 година.
Шекеринска, која беше министерка за одбрана на Северна Македонија од 2017-2022 година, го надгледуваше пристапот на нејзината земја во НАТО во 2020 година. Таа ќе го замени вршителот на должноста заменик генерален секретар на НАТО Борис Руге, кој привремено ја презеде функцијата, откако тогашниот заменик генерален секретар Мирчеа Џоана објави дека ќе се кандидира за претседател на Романија.
Шекеринска ќе биде највисокиот функционер на НАТО од регионот на Западен Балкан, надвор од Европската Унија. Таа ќе ја преземе функцијата до крајот на годината.
Шекеринска е поранешна министерка за одбрана. Од 2002 до 2006 година беше и заменик претседател на Владата на РМ задолжена за европски интеграции. Во моментот е потпретседател на Партијата на европските социјалисти.
Примарната улога на заменикот на генералниот секретар е да го заменува шефот и да претседава со состаноците на 32-та амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.
Полицијата во Тбилиси ги растури шаторите на демонстрантите кои бараат нови избори
Полицијата во Тбилиси го растури шаторскиот камп што демонстрантите го поставија на главната улица во знак на протест поради резултатите од парламентарните избори минатиот месец и бараат ново гласање.
По изборите одржани на 26 октомври партијата Грузиски сон остана на власт, но противниците тврдат дека гласањето било наместено. Таа партија блиска до Русија на тој начин обезбеди четврти мандат на власт.
Многу Грузијци ги сметаа изборите како референдум за обидот на земјата да се приклучи на Европската унија. Оттогаш се одржаа неколку големи протести.
Кога поставија шаторски камп, демонстрантите ветија дека ќе останат деноноќно барајќи нови парламентарни избори.
Кога полицијата почна да ги растерува, настана тепачка и неколку демонстранти беа приведени. Некои од демонстрантите носеа знамиња на Европската Унија.
Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили ги отфрли официјалните резултати и смета дека Грузија е жртва на руски притисок за да не влезе во Европската Унија.
Руте: Најдобро е земјите кои и даваат оружје на Украина да не поставуваат ограничувања за користење
Најдобро е земјите кои обезбедуваат оружје за Украина да не поставуваат ограничувања за тоа како силите на Киев можат да го користат, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, при пристигнувањето на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ во Брисел.
„Секој сојузник донесува одлуки за ова прашање независно“, рече Руте и додаде:
„Денеска ќе разговараме како Украина може да победи, а за тоа се потребни повеќе пари и помош“, истакна Руте.
Според него, тоа е уште попотребно по вклучувањето на севернокорејските војници во воените дејствија на руската страна и поддршката за Москва од Кина и Иран.
Според Руте, рускиот претседател Владимир Путин му се оддолжува на Пјонгјанг со обезбедување ракетна технологија, а тоа претставува смртна закана не само за Европа, туку и за Јужна Кореја, Јапонија и САД.
„Треба да го зголемиме военото производство, НАТО и ЕУ тесно соработуваат на ова, два проценти од БДП трошоците за одбрана и одвраќање не се доволни. Плановите на Путин не смеат да успеат, Украина мора да надвладее“, сумираше Руте по повод 1000 дена од почетокот на руската воена инвазија на украинска почва.
Путин потпиша декрет дека нуклеарното оружје е последната мерка за заштита на суверенитетот
Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој нуклеарното оружје останува последната линија на одбраната.
Во новата уредба „Основи на геополитиката во областа на нуклеарното задржување“ се прецизирани параметрите под кои може да се користи ова оружје, пренесоа руските медиуми.
„Државната политика во областа на нуклеарното ограничување е од одбранбена природа, насочена кон одржување на потенцијалот на нуклеарните сили на ниво доволно за да се обезбеди нуклеарно ограничување и да се гарантира заштитата на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата“, се наведува во документот.
Исто така, во него се додава дека нуклеарниот одговор може да се активира во случај на напад на Белорусија, по што ќе следи масовен напад од воени авиони, крстосувачки ракети, беспилотни летала и други авиони кои летаат над руските граници.
Потегот на Путин доаѓа само два дена откако медиумите објавија дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и дозволила на Украина да користи ракети со долг дострел за напади длабоко на руска територија.
Според извештаите, Бајден ја донел одлуката откако дознал дека војници од Северна Кореја наводно пристигнале во регионот Курск.
Руските власти предупредија дека таквите потези може да доведат до избувнување на Трета светска војна.
Шест лица, меѓу кои и едно дете, загинаа во нов руски напад врз Суми
Шест лица, меѓу кои едно дете, беа убиени, а 12 други беа ранети во текот на ноќта во нов руски напад во градот Хлухив во регионот Суми во Украина, објави воената администрација на регионот рано на 19 ноември.
Оттаму додаваат дека нападот бил насочен кон студентски дом во градот.
Властите соопштија дека спасувачките операции се во тек и дека се уште има луѓе под урнатините.
На 18 ноември, ракетен напад опустоши станбена зграда во градот Суми, 40 километри од руската граница, при што според властите загинаа 11 лица, меѓу кои две деца, а 89 беа повредени.
Русија ја почна инвазијата на Украина на 24 февруари 2022 година.
ЕУ и Северна Македонија ќе потпишат Договор за безбедносно и одбранбено партнерство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска (19 ноември) во Брисел заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел ќе потпишат Договор за безбедносно и одбранбено партнерство меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија.
Се очекува овој Договор за партнерство да ја зајакне отпорноста на земјата и да овозможи заедничко справување со безбедносните предизвици и поефикасна соработка во сферата на безбедноста и одбраната.
Церемонија на потпишување на Договорот, ќе се одржи на маргините на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ на ниво на министри за одбрана, на кое ќе се расправа за поддршката на Унијата за Украина и за одбранбената подготвеност на блокот.
Инаку, како дел од досегашната соработка ЕУ во рамки на Европскиот мировен фонд (ЕПФ) во септември годинава одобри 13 милиони евра помош наменети за зајакнување на капацитетите и способностите на Армијата на Република Северна Македонија (АРСМ).
Доделените средства се наменети за набавка на технологии за разузнавање, надзор, извидување, електронско војување и сигнално разузнавање, на логистичка и инженерска опрема, како и на комуникациски и информациски системи, а со нив ќе се обезбеди и техничка обука за користење на опремата.
Како што соопшти Советот на ЕУ, овие средства ќе ги зајакнат македонските капацитети за нејзино учество во операциите и мисиите во рамки на заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата, како и други меѓународни мисии и таа помош дополнително ја илустрира зголемената поврзаноста на блокот со земјава во областа на безбедноста и одбраната.
Преку Европскиот мировен фонд (ЕПФ), ЕУ финансира активности наменети за зајакнување на капацитетите на трети држави и регионални и меѓународни организации поврзани со воени и одбранбени прашања. Фондот е основан во март 2021 година со цел да овозможи финансирање на активности во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, насочени кон спречување конфликти, зачувување на мирот и зајакнување на меѓународната безбедност и стабилност.
Почнува амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025
Со претрес по амандмани за Предлог-буџетот за 2025 година, денеска (19 ноември) треба да продолжи комисиската расправа во Собранито.
Расправата за Буџетот за следната година на собраниската Комисија за финансирање и буџет трае 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница.
За Предлог–буџетот за 2025 година се поднесени вкупно 308 амандмани од кои 204 од опозициската СДСМ. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.
На четвртиот ден од собраниската комисиска расправа со кој вчера беше исцпрен општиот претрес, пратениците од власта и опозицијата ги спротивставија ставовите. Според едните, буџетот е развоен и домаќински, а според другите е нереален, покажува немање визија и треба да се врати на доработка во Владата.
Со Предлог-буџетот за 2025 година, вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41350 милиони денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП, а се предвидува раст на економијата од 3,7 проценти.
Трамп го потврди планот за воведување вонредна состојба и депортација на мигрантите
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп потврди дека планира да воведе вонредна состојба поради безбедноста на границата и дека има намера да ја искористи американската војска за да изврши масовно депортирање на мигранти без документи.
Имиграцијата беше главното прашање во неговата изборна кампања, а Трамп вети дека ќе депортира милиони луѓе и ќе ја стабилизира границата со Мексико, откако рекорден број мигранти илегално влегле во земјата за време на администрацијата на претседателот Џо Бајден, пишува Франс прес.
На својата социјална мрежа „Truth Social“, Трамп сподели објава на конзервативен активист кој рече дека новоизбраниот претседател „е подготвен да воведе вонредна состојба и ќе користи воени средства за да ја запре инвазијата од времето на Бајден преку програмата за масовно депортирање“.
Освен што ја сподели објавата, Трамп напиша: „Вистина“.
Трамп се враќа на власт по победата на демократската потпретседателка Камала Харис на претседателските избори на 5 ноември.
Тој ги објави имињата на кандидатите за плановите на неговиот кабинет, од кои многумина се залагаа за цврст став кон мигрантите и го избра Том Хоман, поранешниот в.д. директор за имиграција и царинско спроведување (ICE) како највисок службеник задолжен за границата.
Хоман се појави на Националната конвенција на Републиканците во јули, кога им рече на поддржувачите:
„Имам порака за милионите илегални имигранти што Џо Бајден ги пушти во земјата: подобро почнете да се пакувате сега“.
Властите проценуваат дека околу 11 милиони луѓе живеат во САД без документи. Се очекува дека планот на Трамп за депортации би можел директно да погоди околу 20 милиони семејства, потсетува АФП.
Додека американската влада со години има проблеми во полициската контрола на јужната граница со Мексико, Трамп ги преувеличува овие грижи тврдејќи дека е во тек „инвазија“ на мигранти.
За време на кампањата, Трамп постојано ги критикуваше мигрантите кои влегуваат во земјата без потребните документи, користејќи запалива реторика дека странците ја „трујат крвта“ на Соединетите Држави и ја доведуваат во заблуда статистиката и политиките за имиграција, пренесува АФП.
Трамп не даде никакви детали за тоа како ќе ја спроведе репресијата против нерегуларната миграција, но за време на кампањата тој постојано ветуваше дека ќе го реактивира Законот за надворешни непријатели од 1798 година за да ги забрза депортациите.
Критичарите велат дека законот е застарен и посочуваат дека последен пат бил користен за време на Втората светска војна, кога Јапонците во САД биле затворени во логори за интернација без соодветна постапка.
Бројот на мигранти кои нередовно ја минуваат границата и се пресретнати од агенти на американската гранична патрола сега е ист како и во 2020 година, последната година од првиот мандат на Трамп. Рекорден број на нерегуларни гранични премини - 250 000 е забележан во декември 2023 година.
Четворица мртви, 18 ранети во израелски напад врз Бејрут
Во израелски воздушен напад врз населба во централен Бејрут во понеделникот (18 ноември) загинаа четири лица, соопшти либанското Министерство за здравство, втор ден по ред откако Израел гаѓаше цели во главниот град на Либан во неговата кампања против Хезболах.
„Чад се издигна од местото на нападот во областа Зукак ал Блат, на кратко растојание од централниот округ на Бејрут каде се наоѓа седиштето на либанската влада. Во нападот се повредени 18 лица“, соопшти Министерството.
Израел ги интензивираше своите бомбардирања на цели во и околу либанскиот главен град во текот на изминатата недела, ескалација што се совпаѓа со знаци на напредок во дипломатските напори предводени од САД за посредување за прекин на огнот.
Од крајот на септември, Израел успеа да му нанесе голема штета на Хезболах со атентат на неговиот водач Саид Хасан Насрала, со бомбардирање големи области на Либан со воздушни напади и испраќање војници во јужен Либан. Хезболах, од друга страна, продолжи да истрелува ракети кон северниот дел на Израел, каде сирените повторно се огласија во понеделникот.
Инаку Хезболах е и вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан. ЕУ не го стави на црната листа неговото политичко крило, туку само вооруженото. Политичката партија Хезболах има места во либанскиот парламент.
Од почетокот на израелската офанзива против Хезболах, цел на серија воздушни напади беа јужните упоришта на групата во главниот град Бејрут.
Во неделата, Израел нападна цели во строгиот центар на Бејрут, при што загинаа десет луѓе во два напади, меѓу кои и портпаролот на Хезболах
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете