Соединетите Држави направија своевиден помирувачки гест спрема Русија во моментот кога претседателот Трамп пристигна во неговата втора посета на Европа, понудувајќи соработка во Сирија.
Имено, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон пред пристигнувањето во Европа изјави дека Соединетите Држави се подготвени да соработуваат со Русија во Сирија.
Тој прецизира дека соработката би била во етаблирањето на зони за забранети летови над Сирија и при заедничката контрола на примирјето, како и на хуманитарната помош.
„Соработката меѓу САД и Русија ќе креира стабилност во Сирија“, оцени Тилерсон.
„Се надеваме дека ова ќе биде почеток за други важни области кои треба да се решаваат за да се зајакне нашата врска, но ние сме на самиот почеток и би рекол, од оваа точка, тешко е да се каже точно кои се намерите на Русија во овие односи и мислам дека најважниот дел од овој состанок е да има добра размена меѓу претседателот Трамп и претседателот Путин за онакако ја гледаат природата на односите меѓу нашите две земји“, рече тој.
Ова, според оценките на новинските агенции, претставува своевиден гест на помирување пред средбата на лидерите на двете земји Доналд Трамп и Владимир Путин оваа недела во Хамбург.
Трамп ќе се сретне со Путин за прв пат на 7 јули на маргините на самитот на Г20, по неговиот говор во Варшава за натамошната посветеност на Соединетите држави кон НАТО и европските сојузници.
Тој е и почесен гостин на денешниот самит на иницијативата „Три мориња“, стопанско и инфраструктурно поврзување на 12 земји од средна и источна Европа.
Домаќини на собирот се хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ и полскиот претседател Анджеј Дуда.