Достапни линкови

Трамп и Путин: Демократите шират „лажни вести“


Путин и Трамп ги обвинуваат демократите за „лажни вести“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:28 0:00

Путин и Трамп ги обвинуваат демократите за „лажни вести“

Претседателите на Русија и на Соединетите Држави, Владимир Путин и Доналд Трамп, уште еднаш ги отфрлија обвинувањата за руско мешање во ланските американски претседателски избори. Според нив, станува збор за „фикција“ и за „лажни вести“ креирани од демократите за да го оправдаат поразот на изборите.

Во интервју за францускиот весник „Фигаро“, претседателот Путин остро ги отфрли обвинувањата за руската вмешаност во хакирањето на мејловите на Демократската партија со што нивниот кандидат за претседател Хилари Клинтон била ставена во незавидна позиција.

„Тоа се темели врз фикција, врз желбата на оние што ги загубија изборите да ја решат нивната ситуација со играње на антируската карта, обвинувајќи ја Русија дека се мешала“, изјави Путин, додавајќи:

„Оние што ги загубија изборите не сакаат да признаат дека навистина загубиле и оти победникот се покажал поблизок до луѓето и оти подобро разбира што сакаат обичните гласачи“, вели тој.

Претходно, Трамп изрази слично мислење на Твитер, наведувајќи дека „руските официјални претставници мора да им се смеат на Соединетите Држави и на правдањето за она зошто демократите ги загубиле изборите“.

Тој уште еднаш повтори дека станува збор за „лажни вести“. Портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер пак, во врска со ова изјави:

„Мислам дека тој е фрустриран, како што сум и јас и многу други, да гледате приказни кои очигледно се лажни, да гледате приказни кои се погрешни“, рече тој.

Меѓутоа, повеќето американски медиуми се фокусирани врз заклучоците на американските разузнавачки служби, објавени во јануари годинава, дека Москва се обидела да се меша во претседателските избори со хакирање на мејловите на Демократската партија.

Во почетокот на овој месец, американското Министерство за правда наименува специјален советник за да ги истражи обвинувањата и за тоа дали членови на изборниот штаб на Трамп контактирале со Русија за време на кампањата и потоа.

За Путин, руските надежи за нова ера за подобри односи за време на Трамп биле разнишани од истрагите на ФБИ и Конгресот за врските меѓу Трамп и Москва кои се шират во Вашингтон.

Во интервјуто за „Фигаро“ Путин додава дека ваквите обвинувања ги дестабилизирале и меѓународните односи.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG