Достапни линкови

Венецуела пред граѓанска војна?


Хеликоптерски напад врз владини институции во Венецуела
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Хеликоптерски напад врз владини институции во Венецуела

Со полициски хеликоптер во Венецуела бил извршен напад врз Врховниот суд и Министерството за внатрешни работи во Каракас што претставува драматична ескалација на политичката криза во таа земја. Шефот на државата Николас Мадуро оцени дека станува збор за тероризам и за обид за државен удар.

Од хеликоптерот биле истрелани неколку рафали и фрлени гранати врз зградата во моментот кога таму се одржувале состаноци.

Според очевидци, се слушнале неколку експлозии, а полицијата соопшти дека во нападот немало ранети.

Веднаш потоа владата се огласи со соопштение во кое наведува дека хеликоптерот бил украден од полицискиот пилот Оскар Перез кој себе си се прогласи за бунтовник против Мадуро.

Видео постирано на Инстаграм во исто време со нападот прикажува како тој заедно со група други маскирани лица соопштува дека станува збор за акција за обнова на демократијата во земјата.

„Ние сме националисти. Патриоти. Институционалисти. Ова борба не е против другите безбедносни сили во државата. Ова е против наметнатата неказнивост на оваа влада“, соопштија маскираните.

Претседателот на Венецуела, 54-годишниот Николас Мадуро веќе три месеци се соочува со протести од опозицијата која за него смета дека е диктатор кој ја уништи економијата на оваа некогаш просперитетна земја.

Од друга страна, Мадуро смета дека опозијата сакала да изведе државен удар и притоа била помогната од Соединетите Држави кои се заинтересирани да имаат контрола врз нафтените полиња во Венецуела.

„Му кажувам на светот и се надевам дека светот ќе слушне по 90 дена протести, уништување и смрт. Ако Венецуела падне во хаос и насилство, а Боливарската револуција биде уништена, ќе одиме во борба. Ние никогаш нема да се откажеме, И она што не може да се направи со гласови, ќе го направиме со оружје, ќе ја ослободиме татковината со оружје“, рече тој.

Најмалку 75 луѓе загинале, а стотици други биле повредени и уапсени во антивладините протести кои почнаа во април.

Демонстрантите бараат општи избори, мерки за запирање на економската криза, слобода на затворените опозициски активисти и независен парламент.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG