Достапни линкови

Тензични надмудрувања за неефикасен Парламент


Архивска фотографија - Седница на Собранието за избор на Влада- 30 мај 2017
Архивска фотографија - Седница на Собранието за избор на Влада- 30 мај 2017

Опозицијата преку опструкции се обидува да го направи Парламентот неефикасен, велат експерти и додаваат дека како се однесуваат пратениците во Собранието, така ќе се однесуваат и нивните членови на улиците.

Тензичните собраниски дебати на кои што се надоврзува деструктивното однесување на дел од пратениците креираат лоша слика за работата на Собранието и демократскиот капацитет на институциите на системот, оценуваат домашните аналитичари, анализирајќи ја атмосферата на последните пленарни седници.

Политичкиот аналитичар Митко Гаџовски вели дека ваквото однесување на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не му одговара на никој и не и носи корист на политичката партија.

„Начинот и нивото на кое што се однесуваат пратениците во Собранието ја отсликуваат нивната лична култура, а понатаму и дава слика за политичката партија од која тие произлегуваат. Тензијата која се случува во собранието се пренесува и врз граѓаните и приврзаниците на партиите. Тоа значи дека како што се однесуваат пратениците во Собранието, така ќе се однесуваат и нивните членови на улиците“, вели Гаџовски.

Аналитичарот Алајдин Демири, пак, смета дека ваквото однесување и одговара на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека сегашната опозиција се уште не може да ја прифати својата нова улога на политичката сцена.

„Сценариото е да не профункционира собранието со СДСМ. Така како што ги отворија вратите пратениците на хулиганите на 27 април, истото го прават денес, но без хулиганите, туку тие самите“, вели Демири.

Целта на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е да го направат Парламентот неефикасен и непродуктивен, односно да прогласат нови избори, убеден е Демири. Не верува дека спикерот Џафери може да воспостави дисциплина и да ги избегне тензичните надмудрувања во собраниската сала.

„Тие тензии е невозможно да се смират, затоа што се работи за концепт. Тоа е концептот на ВМРО-ДПМНЕ и истиот подразбира да се поништи спротивното. Нема друга логика“, изјави Демири.

За разлика од Демири, Гаџовски смета дека смирувањето на тензиите е возможно само преку политички дијалог.

„За намалување на тензиите во Собранието, од исклучителна важност е дијалогот меѓу политичките партии. Собранието е место каде што партиите треба да дебатираат и да ги изнесуваат своите аргументи и факти. Така што преку дијалог и дебата можe да се изнајде решение за сите прашања кои ги засегаат“, вели Гаџовски.

Вчерашната дебата помина во знакот на инцидентот помеѓу спикерот Џафери и пратеникот Владимир Ѓорчев. Џафери побара обезбедувањето да го тргне од говорница Ѓорчев, кој зеде збор без одобрение на спикерот. Личната нетрпеливост помеѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Џафери постои откако тие не го признаваат Џафери за легитимен претседател на Собранието и му се обраќаат со терминот пратенику, по што пак тој одлучи со нив комуницира на албански јазик секогаш кога ќе му се обратат така.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG