Во надворешната политика, евроатлантските интеграции треба да бидат клучни приоритети на новата влада, оценуваат упатените во оваа област. Поранешниот министер за надворешни работи и професор Денко Малески вели дека долгорочната цел на надворешната политика е Македонија да направи пријатели од своите соседи и да произведе таква политика која ќе се базира врз една новоизградена доверба и заедничка иднина во ЕУ.
„Краткорочно нам ни се потребни чекори и ангажман што барем ќе произведе Македонија да влезе во НАТО. Затоа е потребно новиот министер да разговара со соседите, да ги убеди во нашите добри намери да одиме кон решение на проблемот и потоа да работи дома и да произведе домашен консензус за коишто ќе треба време, бидејќи е врзан со согласност од опозицијата, референдум, објаснување на народот за решението итн“, изјави Малески.
Тој е оптимист дека доколу се убеди Грција во добрата намера на новото раководство, можно е влез на Македонија во НАТО, во релативно побрз рок, додека за другите проблеми ќе треба повеќе трпение.
„Би требало овие 25 години да сме научиле нешто и се надевам дека менталната ситуација не е иста како кога јас бев министер за надворешни работи и кога се обидував да ги објаснам овие работи. Мислам дека свеста и сознанијата се созреани. Конечно никогаш порано во македонската историја не се случило голем дел од населението или околу 700 илјади граѓани да го дадат својот глас практично и за решавање на овој проблем“, изјави Малески.
Професор Мерсел Биљали е убеден дека претходната влада намерно ги минирала евроатланските интеграции на земјава, а се со цел да владее така како што владееше.
„Мислам дека меѓународната заедница ќе и даде бонус на Македонија и очекувам брза постапка за прием во НАТО, првенствено со привременото име БЈРМ и најверојатно некој старт на преговорите за некои поглавја и верувам дека процесот ќе почне“, вели Биљали.
Според него, можно е лесно и брзо решавање на спорот за името во ситуација на релаксирани односи и во постапка за преговори со ЕУ.
„Мислам дека и Грција е подготвена за тоа, бидејќи проблемот на Македонија стана регионално безбедносен проблем, што е голема штета и за неа“, заклучува Биљали.
Во своето експозе во Собранието, премиерот Зоран Заев спомена дека преземаат обврска целосно да ги имплементираат итните реформски приоритети од Извештајот на Прибе. Во најкраток можен рок тој вети почеток на преговори со Европската унија и членство во НАТО.