Приемот на Македонија во НАТО може да се случи во брзо време, затоа што голем дел од домашната работа ја завршивте, вели холандскиот амбасадор Ваутер Пломп во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Според него спорот за името останува проблем кој треба да го решат двете земји, но исто така гледам нова динамика за можно решение на главната пречка за членството во НАТО.
„Најпрво мислам дека е важно да споменам, дека постои одредена разлика кога зборуваме за приемот во ЕУ и во НАТО. Секако дека и за НАТО владеењето на правото ќе биде многу значајно и секако дека ќе биде потребен некаков договор за прашањето за името или негово решение. Разликата меѓу приемот во НАТО и во ЕУ е тоа што за НАТО голем дел од обврските се завршени. Македонија долго време беше во чекалната на НАТО, ако може така да ја наречеме, но тоа време не беше залудно потрошено. Многу од тие реформи беа завршени и кога станува збор за овие две институции, мислам дека приемот во НАТО може да биде побрз и тоа е едно значајно охрабрување, вели амбасадорот Пломп.
И претседателот на Евроатланскиот Совет на Македонија, Исмет Рамадани уверува дека е можен брз прием на земјава во Алијансата. Како причина ги наведува позитивната наклонетост на меѓународната заедница кон новата влада, како и заинтересираноста и посветеноста на ЕУ и НАТО за регионот и неговата стабилност.
„Можна е таа варијанта Македонија да ја добие поканата за членство во НАТО со референцата БЈРМ, најверојатно поради интересите и геостратешката позиција на Република Македонија во регионот, да се убеди Грција да прифати Македонија да ја добие поканата под привремената референца, со тоа што натаму ќе продолжат преговорите со Грција“, изјави Рамадани.
Имајќи предвид дека Македонија заврши голем дел од реформите кои беа неопходни за членство во НАТО, реален е оптимизмот дека поканата може да ја добиеме во најскоро време, вели Рамадани.
„Ретко се случува генералниот секретар на НАТО преку телефонски разговор да честита премиер, тоа обично се случува со премиери или државници на големите држави кои се влијателни во глобалната политика во светот. А ова е сериозна порака дека Република Македонија има голема шанса да ја добие поканата за членство во НАТО“, изјави Рамадани.
Премиерот Зоран Заев в понеделник патува на прва официјална средба во Брисел каде за време на престојот, освен во Европската комисија, ќе има средби и во седиштето на НАТО, каде што ќе разговара со генералниот секретар Јенс Столтенберг. Деновиве Заев изјави дека постои надеж дека Македонија многу брзо може да стане членка на НАТО под привремената референца, а паралелно да продолжат разговорите со Грција за спорот за името.
„Има два начина: решение на проблемот или под привремената референца да влеземе во НАТО, а да ги продолжиме преговорите со Грција за проблемот што го има со нашето уставно име заради наше интегрирање и во ЕУ”, изјави неодамна Заев.