За спроведување на реформите што ги вети премиерот Зоран Заев, покрај првиот министерски тим, исклучително важни се кадрите што ќе ги раководат институциите и нивната работа, оценуваат аналитичарите. Заев речиси во секоја изјава наведува дека владата ќе биде реформска, а претходните оценки се дека институциите биле заробени и партизирани, така што клучно сега е новите луѓе да работат според Уставот и законите, оценува Темелко Ристески, професор чија научна област е и јавна и државна администрација.
„За да функционира ефикасно системот треба доследно, потполно да се спроведуваат принципите на уставност и законитост, треба законите да се почитуваат до максимум. Ние досега имавме неусогласеност меѓу законите и нивното спроведување“, вели Ристески.
Новите функционери од вториот и третиот ешалон ќе треба сериозно да работат на целосна деполитизација на администрацијата, ако се сака да се постигнат вистински реформи, сугерира, Беса Кадриу од Факултетот за јавна администрација и политички науки на Универзитетот на југоисточна Европа. Потоа е потребна и систематизација, но прво треба стабилизација на институции и поставување на стручни кадри на раководните позиции, додава таа.
„Со стабилизацијата на институциите ќе започнат одредени постапки кои што ќе помогнат во насока на напредок во економскиот аспект, а потоа и во правниот и социјалниот“, вели Кадриу.
Заев неколкупати и пред изборите, но и по нив нагласуваше дека ниту еден немало да биде избркан од администрација ако ја вршел работата професионално. Нема да отпуштаме луѓе од работа, ветуваше тој. Ристески не очекува раководителите да наидуваат на сопки од вработените.
„Мислам дека добар дел од нив нема да опструираат, а оние што се стручни мислам дека стручно ќе работат“, вели Ристески.
Премиерот во експозето наведе дека владата ќе има три клучни темели - економија, силни професионални институци и правда и посветеност на Европската унија и на НАТО. Од работата на сите институции и нивните раководители, зависи исполнувањето на реформите за овие три темели, сметаат упатените.