Достапни линкови

Коми - „Лагите“ на Белата куќа ме осрамотија


Поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, сведочи пред сенатскиот Комитет за разузнавање, 8, јуни, 2017.
Поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, сведочи пред сенатскиот Комитет за разузнавање, 8, јуни, 2017.

Поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми сведочи пред Комитет за разузнавање. Вели дека бил загрижен дека Трам лаже, па затоа фаќал детални забелешки од нивните разговори. Коми вели дека администрацијата на Трамп избрала да го осрамоти него и ФБИ.

Поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, навести дека претседателот Доналд Трамп, лажел кога рекол дека ФБИ има големи проблеми и оти однесувањето на Трамп го натерало да состави детални забелешки од нивните состаноци.

Зборувајќи пред сенатскиот Комитет за разузнавање, Коми денеска рече дека по средбата со Трамп во Белата куќа помислил дека треба да направи белешки од деталите од нивната средба. Комитетот ги испитуваат наводите за руско мешање во кампањата за претседателските избори во 2016 година.

„Искрено бев загрижен дека тој можеби лаже“, рече Коми.

Портпаролката на Белата куќа соопшти дека претседателот Доналд Трамп не е „лажго“, откако поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, пред Комитетот за разузнавање на Сенатот рече дека администрацијата на Трамп користела „лаги“против него и против ФБИ.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс, денеска коментирајќи го сведочењето на Коми, рече дека „дефинтивно може да каже дека претседателот не е лажго“. Таа денеска имаше разговор со новинари, без присуство на камери.

Коми, кој беше отпуштен од Трамп минатиот месец, рече дека тогаш си помислил дека мора многу детално да ги опише средбите.

Поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми ја обвини Белата Куќа за лаги
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:19 0:00

Зачудувачките тврдења на Коми пред Комитетот се последни во низата политички превирања кои ја зафатија Белата куќа и го потресоа Вашингтон.

Она што започна како серија необични интеракции меѓу соработници на Трамп и руски претставници се претвори во прашање дали Трамп се обидел да ја попречи кривичната истрага на ФБИ за неговиот прв советник за национална безбедност Мајкл Флин.

Во сведочењето пред сенатскиот комитет, Коми рече дека го сфатил барањето на Трамп за откажување од истрагата за Флин како „директива“. Тој рече дека на средбата одржана на 14 февруари претседателот му рекол оти се надева дека ќе го остави Флин.

„Тој е добар човек. Се надевам дека ќе може да го оставиш ова“, му рекол Трамп.

Републиканскиот сенатор Џејмс Риш од Ајдахо забележа дека Трамп му рекол „се надевам“ и го праша Коми дали претседателот всушност му наредил да ја прекине истрагата. Поранешниот директор на ФБИ одговори дека не добил директна наредба, но оти тоа го сфатил како „насока“.

Попречувањето на правдата е кривично дело според американските закони, иако има дебата меѓу правните експерти за тоа дали Трамп всушност би можел да биде обвинет.

На прашањето од сенаторите дали сугестиите од Трамп дека треба да се откаже од истрагата за Флин претставуваат попречување на правдата, Коми рече дека тоа е прашање за специјалниот советник Роберт Милер, кој исто така е поранешен директор на ФБИ.

Низата новински извештаи за контактите на некои од соработниците на Трамп со сомнителни руски и други странски претставници се совпаднаа со заклучокот на американската разузнавачка заедница дека Москва водела хакерска и пропагандна кампања за мешање во минатогодишните американски претседателски избори.

Најмалку две конгресни комисии ги разгледуваат двете прашања, како и ФБИ, кои во јули минатата година, во екот на предизборната кампања меѓу Трамп и демократската кандидатка Хилари Клинтон, отворија кривична истрага.

Коми, кој беше назначен на функцијата од претходникот на Трамп, Барак Обама, во јавноста даде само мали индикации за природата и обемот на истрагата на ФБИ. Во сведочењето пред парламентарната комисија во март, Коми откри дека има истрага, но даде малку информации.

Еден од помошниците на Трамп, кој беше под надзор на ФБИ е Мајкл Флин, кој беше разрешен од позицијата прв советник за национална безбедност на американскиот претседател во февруари, откако ги довел во заблуда службениците во Белата куќа за неговата комуникација со руски владини претставници.

На 9 мај, Трамп изненадувачки го разреши Коми, како причина наведувајќи го тоа што Министерството за правда било незадоволно од неговата работа.

Во сведочењето пред Сенатот, Коми жестоко се спротивстави, со неверојатното тврдење дека Трамп лажел.

„Администрацијата избра да ме посрамоти мене, и уште поважно ФБИ, велејќи дека има неред во организацијата, дека е лошо водена и дека вработените ја изгубиле довербата во лидерот. Тоа беа лаги, просто и едноставно“, рече Коми.

Ден по разрешувањето на Коми, Трамп одржа необична средба во Белата куќа со рускиот министер за надворешни работи и со рускиот амбасадор. Според новинските извештаи, Трамп им се фалел на Русите со отпуштањето на Коми, нарекувајќи го „вистинска будала“.

Отпуштањето на Коми наиде на негодување на конгресмените. Јавниот обвинител Џеф Сешнс, кој раководи со Министерството за правда, а со тоа и со ФБИ, претходно беше присилен да се изземе од истрагите поврзани со Русија, поради неговите контакти со руски претставници.

Наместо него, надзорот над истрагата требаше да му биде доверен на заменик јавниот обвинител Род Розенстајн, но тој е копотписник на разрешувањето на Коми од 9 мај, па тоа доведе до именувањето на Милер за специјален советник за надзор над истрагата.

Ден пред денешното сослушување, Сенатскиот комитет вчера го објави писменото сведочење на Коми, во кое тој дава детали од комуникацијата што ја имал со Трамп. Коми во сведочењето тврди дека Трамп барал лојалност од него за време на приватна вечера во Белата куќа одржана на 27 јануари, една недела по преземањето на претседателската функција.

Трамп негираше дека сторил нешто лошо, и во неговите изјави и преку портпаролите.

Адвокатот на Трамп, Марк Касовиц, кој е задолжен конкретно за истрагите поврзани со Русија, вчера рече дека претседателот се чувствува целосно и потполно чист.

Сепак, парламентарниот спикер Пол Рајан рече дека очигледно е несоодветно Трамп да бара лојалност од Коми.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG