Достапни линкови

Јовановска со „Траги на другите влијанија“ во берлински „Прима Центар“


Михаела Јовановска, сликарка
Михаела Јовановска, сликарка

„Траги на другите влијанија“ е насловена изложбата на македонската уметница Михаела Јовановска, што од 26 мај до 4 јуни, се одржува во берлинскиот „Прима Центар“. Станува збор за просторна инсталација направена од плексиглас и проѕирни принтани фолии со сликарски интервенции во чиј фокус е човекот и неговата мисла, физичката минливост во времето и просторот и емоционалната ранливост.

По Њујорк и Скопје, младата македонска уметница Михаела Миа Јовановска еве ја со третата самостојна изложба. Овој пат, таа во берлинскиот Прима Центар, од 26 мај до 4 јуни, се претставува со „Траги на другите влијанија“ („Traces of other impact“)просторната инсталација од неколку сегменти направени од плексиглас и проѕирни принтани фолии со сликарски интервенции, во чиј фокус е човекот и неговата мисла, физичката минливост во времето и просторот и емоционалната ранливост.

„Во моето творештво главно се фокусирам на човекот и неговиот мисловен процес. Како во текот на нашето постоеме ние имаме влијание на околината и како таа ни возвраќа нам. Какви траги остава тоа на нас и како ние влијаеме со нашите траги понатаму. Дали и како тоа не враќа назад со размислувањето секогаш. Значи, одиме напред со тоа што не држи во себе и како тоа нè враќа назад“, вели Јовановска.

Таа дополнува дека објектите во простор се најчестите нејзини инсталации. Дека притоа користи парчиња плексиглас и принтани фолии врз кои сликарски интервенира за да ја нагласи транспарентноста и кршливоста. Згора на тоа, како што вели, настојува тие да бидат одвоени од ѕидот за да биде видлива и сенката што ја формираат.

„Уште од самиот почеток ме влече да работам со проѕирен материјал како основа и на неа многу јасно се гледаат отисоци, траги од гребењето, од интервенциите ... Едноставно ме влече и самата тема и импактот од местото каде што живеам. Значи и материјалот и околината“, вели таа.

Појаснува дека „преку целосно транспарентните ликови и врежаните отисоци, претставува еден вид експресивни отпечатоци на ликот во просторот и времето, а преку отсуството на компатибилниот носител на физичката телесност, создава алузија на испразнетост на смислата и всушност ја навестува драмата на човековото постоење“.

Родена 1984 година во Скопје, Михаела Јовановска дипломирала на Факултетот за ликовна уметност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, на отсекот сликарство. Зад себе освен трите самостојни постановки има и неколку групни претставување во земјава и во странство, а во периодов што следува би сакала наново да се претстави во родниот град.

„Главно се задржувам на оваа тема. Можеби ќе има некои промени во идејата, при што ќе оставам и натаму материјалот да повлијае на моите творечки размисли. Би сакала во Скопје да направам самостојна изложба бидејќи тоа ми дава повеќе можности. Кога сум надвор од земјава немам услови да претставам поголеми парчиња, а имам потреба да изложам токму поголеми објекти во простор. Годинава ќе учествувам и на Галичка колонија па се надевам дека таму ќе можам да изложам некоја поголема инсталација“, вели таа.

Инаку, по Јовановска во берлински „Прима Центар“ е планирано своето творештво да го претстави и Кристина Божурска, а раководителот Јован Балов истакнува дека ќе ја следи идејата водилка и натаму уметниците за годишната програма да ги бира преку отворениот конкурс што вообичаено го распишува оваа институција.

„Програмата на „Прима Центар“ е комплетно независна и е базирана исклучиво на квалитет. Центарот распишува годишен јавен повик и со специјално жири овде во Берлин, инаку составено од реномирани германски уметници, се бираат авторите кои ќе се претстават во Галеријата“, вели Балов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG