Вести
Могерини со балканските лидери ќе зборува за иднината на соработката

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, на вечерашната неформална средба со лидерите на балканските земји, меѓу кои и мандатарот за состав на влада, Зоран Заев, ќе разговара за иднината на соработката меѓу ЕУ и балканскиот регион. На средбата ќе се зборува за актуелната состојба во регионот, за тоа како ЕУ да ги зајакне можностите и перспективите за добрососедските односи на Балканот и како да се развие инклузивно општество и владеење и жива економија. Могерини денеска на прес-конференција во Брисел рече дека Западен Балкан е регион кој е клучен за ЕУ, поради безбедноста, превенција на радикализацијата, како и поради менаџирањето на бегалците и границите.
„Јас често велам дека не треба да зборуваме за перспективата на овие земји за влез во Европа бидејќи тие се во Европа. Треба да зборуваме за перспективата за нивни влез во ЕУ и токму тоа е тема на денешната вечера“, рече Могерини.
Таа вели дека ЕУ е посветена да работи блиску со сите шест земји од Западен Балкан, но како што вели, не да работи за нив, туку со нив.
„Неодамна, имаше некои потешкотии, но и некои охрабрувачки чекори, па секогаш е добро да се сретнат и сите заедно да разговараме за чекорите што ќе ги превземеме за во иднина. Ова ќе биде одлична можност за да изградиме подобро регионално разбирање и како да работиме на патот кон Европската унија заедно“, рече Могерини.
На денешната неформална вечера, Могерини ќе се сретне со премиерите на Србија, Косово, БиХ, Албанија, Црна Гора и со мандатарот за нова влада Зоран Заев.
види ги сите денешни вести
Унгарија го усвои законот за признавање на само два пола – машки и женски

Унгарските пратеници во понеделникот (14.04.2025) го усвоија 15-тиот амандман на Основниот закон, како што се нарекува Уставот, со кој се ограничува правото на ЛГБТК+ групите да одржуваат јавни настани, притоа признавајќи само два пола: машки и женски.
Амандманот беше усвоен со 140 гласа „за“ и 21 „против“, при што пратениците од екстремно десничарското движење „Наша татковина“ се приклучија на партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан и нејзините сојузници, Демохристијаните.
Членови и симпатизери на опозициската партија Моментум се обидоа да го попречат гласањето со блокирање на собранискиот паркинг и свирење за време на пленарната седница. Опозиционерите протестираа против амандманот и пред Парламентот за време на гласањето.
Како резултат на гласањето, Основниот закон сега пропишува дека едно лице може да се идентификува само како машко или женско. Законот доаѓа три месеци откако американскиот претседател Доналд Трамп, сојузник на Орбан, издаде извршна наредба со која се признаваат само два пола.
Според унгарскиот закон, правото на децата на правилен физички, ментален и морален развој – со исклучок на правото на живот – има предност над сите други основни права, вклучително и правото на собирање. Маршот на гордоста, кој се одржува секоја година во Будимпешта околу 30 години, сега може да биде забранет.
Новиот амандман, исто така, вели дека Унгарците имаат фундаментално право да користат готовина и дозволува суспензија на државјанството и протерување од Унгарија на Унгарците кои исто така се државјани на друга земја надвор од Европската унија, доколку се смета дека претставуваат закана за јавниот ред и националната безбедност на земјата.
Производството, употребата, дистрибуцијата и промоцијата на дроги, сега е исто така уставно забрането.
Забраната за јавни ЛГБТК+ настани беше најновиот чекор на владата на Орбан која се спротивстави на правата на ЛГБТК+ заедницата.
Од враќањето на Орбан на власт во 2010 година, владата ги забрани геј браковите, сериозно ја ограничи можноста ЛГБТК+ луѓето да посвојуваат деца и се обиде да ја изедначи хомосексуалноста со педофилија.
Русија тврди дека не е лесно да се постигне мировен договор за Украина со САД

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека не е лесно да се постигне договор со САД за клучните делови од евентуалниот мировен договор за завршување на војната во Украина.
Прашан дали Москва и Вашингтон имаат договор за некои аспекти од евентуалниот мировен договор, тој изјави:
„Не е лесно да се постигне договор за клучните компоненти на решението. Тие се дискутираат“ вели Лавров во интервју за весникот „Комерсант“.
Во меѓувреме, украински напад со дрон уби 85-годишна жена, повреди девет лица и предизвика пожари во неколку згради во рускиот град Курск, во близина на границата со Украина, соопштија локалните власти.
„Курск синоќа беше подложен на масовен непријателски напад“, се вели во објавата на Телеграм од управата на регионот Курск.
Како резултат на нападот, оштетена е повеќекатна станбена зграда, при што избувнал пожар во неколку станови, изјави вршителот на должноста градоначалник на Курск, Сергеј Котљаров. Жителите биле евакуирани во блиското училиште.
Дронови погодиле и гаража за брза помош при што биле оштетени 11 возила, известија од регионалната управа.
Размерите на нападот сè уште не се јасни, но руските телеграмски канали Baza и SHOT, кои често објавуваат информации од извори во безбедносните служби и агенциите за спроведување на законот, објавија дека повеќе од 20 експлозии го потресоа градот. Тие објавија фотографии на кои се гледа запалена повеќекатна станбена зграда.
Министерството за одбрана соопшти дека руските сили пресретнале и уништиле 115 дронови што синоќа ги користела украинската армија за напад. Руските системи за противвоздушна одбрана неутрализирале украински дронови над пет руски региони, вклучително и Московскиот регион.
Украинските војници, кои извршија прекугранична инвазија во Курската област, чиј административен центар е градот Курск, сè уште се присутни во некои делови од регионот, иако руските сили вратија голем дел од изгубената територија.
Нападот уследи по рускиот ракетен напад врз украинскиот град Суми за време на викендот, во кој загинаа 35 лица, а најмалку 119 беа повредени.
Шефот на МААЕ, Рафаел Гроси неделава ќе го посети Техеран

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, денеска (14 април) изјави дека ќе го посети Техеран во текот на неделата, пред новата рунда преговори меѓу Иран и САД претстојниот викенд.
„Неопходно е да се продолжи ангажманот и соработката во време „кога итно се потребни дипломатски решенија“, напиша Гроси на платформата „Х“.
Според дипломатски извори, посетата на Гроси е закажана за четврток.
МААЕ, со седиште во Виена, е одговорна за следење на спроведувањето на договорот склучен во 2015 година, а во тек се преговори меѓу Иран и САД за иранската нуклеарна програма.
Првиот разговор се одржа минатиот викенд во Оман, а следниот ќе се одржи в сабота во Рим.
Разговорите во саботата во Оман беа првите меѓу Иран и администрацијата на Трамп, вклучувајќи го и неговиот прв мандат како претседател на САД од 2017 до 2021 година.
Трамп, кој се закани со воена акција доколку не се постигне договор за запирање на нуклеарната програма на Иран, изјави дека се сретнал со советници за Иран и очекува брза одлука. Тој не даде дополнителни детали.
МОН го прошири опсегот на мерката субвенциониран студентски оброк

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека се направени измени на Законот за субвенциониран студентски оброк, согласно кои се проширува опсегот на мерката.
Отсега работниот статус не е ограничувачки услов за студентите, така што правото ќе можат да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од просечната нето минимална плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети во државата.
„Согласно законските измени, објавен е нов повик за остварување на правото, на кој можат да се пријават сите студенти кои припаѓаат на некоја од категориите согласно проширениот опсег на мерката. Рокот за аплицирање на овој вонреден повик трае од 14 до 16 април. Студентите пак, кои досега го остварувале ова право, немаат обврска да се пријават на повикот, односно продолжуваат со користење на мерката“, стои во соопштението.
Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, што студентот ја добива од Министерството за образование и наука за купување приготвена храна. Корисниците имаат право услугата да ја користат од понеделник до сабота во текот на академската година, со исклучок на периодот од 1 јули до 1 октомври, како и за време на државни празници и неработни денови.
Од следниот месец - мај 2025 година, продолжува обврската на МОН за објавување на повици на месечно ниво, од први до петти во месецот, на кои ќе можат да се пријавуваат сите студенти кои претходно не ги исполнувале условите или поради било какви причини не аплицирале и не го оствариле ова право.
Од ресорното министерство појаснуваат дека проширувањето на опсегот на мерката е на барање на Националното студентско тело. Во Буџетот на министерството за 2025 година, средствата за студентски стандард се зголемени за 18 отсто споредбено со лани и изнесуваат речиси 2 милијарди денари.
Двајца од повредените во пожарот во Кочани се во критична состојба

Вкупно 57 од 193 пациенти кои беа повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани остануваат да се лекуваат во болниците низ Скопје и странство.
„Од нив двајца се во критична состојба“, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
Од 57, деветмина се во Скопје. Двајца се моментално на Клинички, на Пластична хирургија. Четворица се во Свети Наум Охридски, еден пациент во ГОБ 8 Септември. Останатите се лекуваат во приватни болници.
„Сите се во стабилна состојба“, додаде министерот Таравари.
Во странство се лекуваат 48 лица од трагедијата во Кочани.
„Еден пациент се враќа денеска од Унгарија, па ќе останат четириесет и седум пациенти во странство“, рече Таравари.
Тој додаде дека двајца се во критична состојба, другите се екстубирани. Некои биле на рехабилитација, други чекале оперативни зафати.
Како позитивен пример, министерот посочи пациентка која била двапати реанимирана, а сега се лекува на Пластична хирургија и е во сосема подобра состојба.
Следната средба меѓу претставниците на САД и Иран ќе биде во Рим

Следната рунда разговори меѓу САД и Иран за нуклеарната програма на Техеран ќе се одржи во Рим во сабота(19 април), соопшти холандскиот министер за надворешни работи и друг дипломатски извор.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи и американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, се согласија да ја одржат следната средба во првата рунда разговори во Оман за време на викендот, за која двете земји рекоа дека била „позитивна“ и „конструктивна“.
„Разговорите ќе се одржат во италијанската престолнина“, изјави холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп на состанокот на министрите на Европската Унија.
Двајца дипломати кои работат во Рим ја потврдија локацијата.
Иранското Министерство за надворешни работи во неделата објави дека разговорите планирани за следниот викенд повторно ќе бидат „индиректни“ со посредство на Оман и ќе се фокусираат исклучиво на нуклеарното прашање и укинувањето на санкциите. На состанокот во Мускат, главните преговарачи се сретнаа лице в лице накратко дури откако завршија индиректните разговори.
Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека очекува многу брзо да донесе одлука за Иран.
Трамп претходно јасно стави до знаење што сака: на Иран не може да му се дозволи да има нуклеарно оружје. Сепак, останува нејасно дали тој сака да ги ограничи нуклеарните активности на Иран или целосно да ги прекине.
Иран вели дека не се стреми кон атомска бомба, но ја отфрла идејата за целосно прекинување на својата нуклеарна програма, за која вели дека е за мирни цели.
Трамп, кој се закани со воена акција доколку не се постигне договор за запирање на нуклеарната програма на Иран, изјави дека се сретнал со советници за Иран и очекува брза одлука. Тој не даде дополнителни детали.
Разговорите во саботата во Оман беа првите меѓу Иран и администрацијата на Трамп, вклучувајќи го и неговиот прв мандат како претседател на САД од 2017 до 2021 година.
Мандатарот го достави предлогот за нова српска влада, седницата за избор закажана за 15 април

Кандидатот за премиер на Србија, Ѓуро Мацут до Собранието на Србија достави предлог за состав на Влада. Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ потврди дека предлогот за новата Влада пристигнал во Собранието и дека почетокот на седницата е закажан за утре (15 април) во 10 часот.
Утврден е дневниот ред на Втората специјална седница на Народното собрание - Избор на Влада и положување заклетва на претседател и членови на Владата.
За прв вицепремиер и министер за финансии е предложен Синиша Мали, за вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, а за вицепремиер и министер за економија Адријана Месаровиќ. Братислав Гашиќ е предложен за министер за одбрана, Марко Ѓуриќ за министер за надворешни работи, а Немања Старовиќ за министер за евроинтеграции.
На 6 април, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, му го довери мандатот за состав на новата влада на ендокринологот и професор на Медицинскиот факултет во Белград, Ѓуро Мацут. Вучиќ претходно одржа консултации со парламентарните партии за мандатот за состав на новата влада, во кои не учествуваше ниту една опозициска партија.
Опозицијата предложи формирање преодна влада, што владејачката коалиција го отфрли.
Владата на Србија е во технички мандат од 19 март, кога пратениците во Собранието ја потврдија оставката на Вучевиќ од функцијата премиер, со што започна рокот од 30 дена за избор на нова влада. Вучевиќ поднесе оставка еден и пол месец претходно, откако активисти на владејачката Српска напредна партија претепаа група студенти кои ја блокираа работата на факултетот во Нови Сад.
Падот на Владата на Србија предводена од Милош Вучевиќ се случи во екот на антирежимските протести предводени од студенти кои блокираат десетици факултети низ Србија од крајот на ноември 2024 година.
Фокусот на нивните барања, кои ги поставија пред институциите на Србија, е утврдување на правна и политичка одговорност за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, на 1 ноември минатата година.
Алжир им нареди на 12 француски дипломати да ја напуштат земјата

Алжир им нареди на 12 вработени во француската амбасада да ја напуштат земјата во рок од 48 часа, потврди францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро за весникот Фигаро.
„Оваа одлука, како што се смета, е одговор на апсењето на тројца алжирски државјани осомничени за тешки кривични дела на француска територија“, изјави Баро.
Според телевизијата BFM TV, тој ја оцени мерката како „неоправдана“.
„Одлучивме заедно со алжирската влада да ја обновиме линијата на дијалог во служба на нашите две земји. Ги повикувам алжирските власти да се откажат од овие мерки за протерување, кои немаат никаква врска со тековната правна постапка“, додаде министерот.
Баро нагласи дека Франција ќе одговори „веднаш“ доколку протерувањата продолжат.
Си: Нема победници во трговската војна

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска (14 април) ја започна еднонеделната турнеја низ Југоисточна Азија во Виетнам, истакнувајќи ја посветеноста на Пекинг на глобалната трговија. Турнејата ја почнува веднаш откако американскиот претседател Доналд Трамп ја разбранува глобалната економија со одлуката за нови царини кон земјите.
Иако Трамп ги паузираше новите царини за голем број земји, тој ги остави оние за Кина, втората по големина економија во светот, на 145 отсто.
„Нема победници во трговската или војната со царини“, напиша Си во статијата објавена во виетнамските и кинеските официјални медиуми.
„Нашите две земји треба цврсто да го чуваат мултилатералниот трговски систем, стабилните глобални индустриски и снабдувачки синџири и отворената и кооперативна меѓународна средина, додаде Си.
Тој денеска пристигна во Ханој на почетокот на дводневната посета на Виетнам. Си ќе се сретне со генералниот секретар на Комунистичката партија на Виетнам То Лам и премиерот Фам Мин Чин.
Виетнам има искуство во балансирање на односите со САД и Кина. Таа е управувана од комунистички еднопартиски систем како Кина, но има силни врски со САД.
Кина е најголемиот трговски партнер на Виетнам, а кинеско-виетнамската трговија ќе расте за 14,6 отсто на годишно ниво во 2024 година, според кинеските државни медиуми.
Трамп воведе царини од 46 отсто за Виетнам пред да прогласи 90-дневна пауза во спроведувањето на таа одлука.
Кина и Виетнам имаат и разлики и спорови, вклучително и за територијата во Јужното Кинеско Море. Виетнам имаше судири со кинеската крајбрежна стража, но не често објавува информации за таа конфронтација. По Виетнам, Си треба да оди во Малезија, а потоа во Камбоџа.
Почна судењето за отповиканиот јужнокорејски претседател Јун Сук-Јеол

Централниот окружен суд во Сеул денеска (14 април) го отвори процесот против отповиканиот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук-Јеол, обвинет за бунт и велепредавство, јави ДПА.
Според агенцијата „Јонхап“, 64-годишниот Јун избегнал средба со новинарите и влезе во судот преку подземната гаража.
На почетокот на рочиштето, обвинителството го прочитал обвинителниот акт, по што Јун доби можност да одговори на обвинувањата. Се очекува во текот на денот да започне и сослушувањето на сведоци.
Обвиненијата се однесуваат на краткотрајното воведување воена состојба во декември, што Јун го прогласи за време на жесток спор во парламентот околу државниот буџет. Иако мерката траеше само неколку часа, предизвика сериозна политичка криза.
Јун подоцна беше подложен на постапка за импичмент, а на 4 април Уставниот суд официјално го отстрани од функцијата.
Сведоци од армијата тврдат дека Јун наредил пратениците насила да бидат исфрлени од пленарната сала, во обид да спречи гласање што можело да ја укине воената состојба.
Јун ги отфрла сите обвинувања.
Доколку биде прогласен за виновен, се соочува со доживотна затворска казна, а теоретски останува можност и за смртна казна, иако во Јужна Кореја не се извршени егзекуции од доцните 1990-ти.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете