Достапни линкови

Александар Џамбазов – човек вткаен во културниот развој на Македонија


Јулијана Папазова, Александар Џамбазов и Елени Новаковска
Јулијана Папазова, Александар Џамбазов и Елени Новаковска

Елени Новаковска и Јулијана Папазова, за монографијата „Маестро Александар Џамбазов - Живот низ сеќавања, афоризми, сентензии“, издание на Центарот за музикологија - ЦЕМ од Скопје, се добитнички на наградата „Панче Пешев“ за 2016 година, највисоко професионално признание кое СОКОМ го доделува на музички творци и музички писатели со цел да се истакнат најзначајните достигнувања во областа на музичкото творештво и музикологијата во земјава.

Елени Новаковска знае да каже дека приказната „Маестро Александар Џамбазов - Живот низ сеќавања, афоризми, сентензии“, за неа и за нејзината колешка Јулијана Папазова, започнала по иницијатива на Сојузот на композиторите на Македонија од каде им било понудено да бидат авторки на монографијата со која ќе биде одбележан значајниот јубилеј – 80-годишнината од неговото раѓање. Дополнува дека обете неколкупати соработувале на научни трудови, но никогаш на толку обемен. Сепак со радост ја прифатиле ваквата идеја иако дотогаш легендарниот Александар Џамбазов лично и не го познавале.

„Првата средба со маестро Џамбазов започна точно со една од мислите кои тој често знае да ги повторува, а тоа е од еден германски писател Жан Пол кој рекол: Сеќавањата се единствениот крај од кој никогаш не можеме да бидеме протерани! И врз таа мисла понатака продолжија нашите чести идни средби“, вели Новаковска.

Врз основа на она што дотогаш го знаеле за него, како диригент на Танцовиот оркестар на МРТВ, како еден од основачите и диригентите на фестивалот „Златно славејче“, добиле и една сосема поинаква перспектива за истражувањето на неговата дејност. Затоа во книгата се потрудиле најнапред да ја претстават неговата биографија, потем и музичкото образование, па семејството коешто е значаен дел од неговиот живот и конечно неговите професионални ангажмани.

Од таму во одредени поглавја ја опфатиле неговата дејност како композитор, посебно како диригент и аранжер и најпосле, но не помалку важно, како организатор на голем број на фестивали од кои особено бележит е Скопскиот забавно-музички фестивал.

„Преку истражувањето откривме дека е многу значаен за целиот културен развој на Македонија затоа што членувал во голем број на комисии којшто, на пример, го формирале Домот на млади „25-ти мај“, Музичка младина на Македонија или бил член на комисијата за преглед на филмови итн“, вели таа.

Како полека ги собирале материјалите, Папазова и Новаковска решиле да направат и анализа на неговото творештво. На детските песни изведувани на „Златно славејче“, на оние по фестивалите како „Белградска пролет“, Сплитскиот фестивал, Опатискиот, „Макфест“, композициите создавани за Танцовиот оркестар и делата кои преминуваат од еден во друг жанр. Во книгата поместиле и анализи на хорските композиции создавани на почетокот од неговото творештво, на камерната музика, на родољубивите песни и песните посветени на тогашниот југословенски водач Тито и на партијата, за на крај да се осврнат и на актуелната состојба на реинтерпретацијата на творештвото на Џамбазов.

Покрај тоа што го претставиле неговото лично, индивидуално делување, во книгата се сместени и одредени поглавја коишто се однесуваат на развојот на македонската забавна и џез музика во периодот од 1940-те до 1980-те години, како и кратки прилози за фестивалите и другите манифестации на кои учествувал овој музички творец.

Од друга страна, наспроти легендата авторките запознале и еден сосема обичен човек чија животна мисија била и е да дарува музика и радост.

„Човечката димензија се гледа најмногу преку неговиот ангажман во фестивалот „Златно славејче“ и болката која тој денес за носи за изменетата улога на манифестацијата, за избришаните композиции од архивите, од фонотеките. Човечката димензија ја видовме и во тоа дека скоро сите награди Александар Џамбазов ги има подарувано на децата и на УНИЦЕФ“, вели Новаковска.

Таа истакнува дека новиот момент, добивањето на наградата „Панче Пешев“ за 2016 година, највисоко професионално признание кое СОКОМ го доделува на музички творци и музички писатели со цел да се истакнат најзначајните достигнувања во областа на музичкото творештво и музикологијата во земјава, обете многу ги изненадило. Дури дека и по малку ги шокирало.

„Искрено кажувам дека мислев и сè уште мислам дека нашето општество одамна ги има изгубено сите критериуми за какво било вреднување и за вредности. Од тој аспект, вреднувањето на трудот кој ние го вложивме при изработката на монографијата „Маестро Александар Џамбазов - Живот низ сеќавања, афоризми, сентензии“, кој пак ни доаѓа од сопствената фела која е најкритична и таква треба да биде, нам ни е особено драго – признава таа.

Од таму Новаковска открива дека со Папазова и со цел еден тим на колеги-музиколози веќе работат на ново дело – монографијата на СОКОМ, кој годинава го слави својот убав јубилеј – 70-годишнината од своето постоење.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG