Достапни линкови

Неделниците ги анализираат меѓународните пораки и политичката криза


Протест на движењето За заедничка Македонија
Протест на движењето За заедничка Македонија

Република пишува дека Доналд Туск ги разбил надежите на СДСМ, Фокус дека она што во светот е шега, кај нас се смета за сериозна политика, а Глобус дека Мажино линијата не е за маженца.

Република - Предавниците и платениците во агонија – Туск ги скрши надежите на СДСМ

Република, од свој агол на гледање, ја анализира посетата на високиот функционер на ЕУ, Доналд Туск под наслов: „Предавниците и платениците во агонија – Туск ги скрши надежите на СДСМ“. „Дојде, виде и замина со едноставна порака“ – пишува авторот, па додава дека за жал на Полјакот, кој иако не зборувал на полски, многумина, сепак, не го разбрале или не сакале да го разберат. Да, продолжува текстот, Доналд Туск порача дека решението на проблемот треба да го најдеме самите, а ЕУ ќе нè поддржи во него. Замислете – иронизира неделникот, „ние самите да го најдеме, без помош на ЕУ? Нема шанси! Без САД, Германија, Британија, Шведска, Холандија ли?“ Според Република, токму тоа ги стаписало СДСМ и како што вели, недоветните медиумски стратези кои се препелкале, извртувале и лажеле. „Бадијала, Туск не побара итно да се формира влада и да се почитува тиранското мнозинство во Парламентот. Таксират. Ама голем“ – како да се радува авторот на анализата во Република.

Фокус - Она што во светот се смета за очигледна зафрканција, во Македонија поминува како сериозна политика

„Она што во светот се смета за очигледна зафрканција, во Македонија поминува како сериозна политика“ – пишува еден од колумнистите во Фокус. И вели дека кај нас нема да се случи феномен како српскиот Љубиша Прелетачевиќ Бели (еден од кандидатите на неодамнешните претседателски избори во Србија кој јавно на БиБиСи објави дека го лаже народот, а овој му верува), ниту, пак, да се формираат мајтап партии со идеи како оние на „Силната партија“, „Најдобрата партија“ или партијата „Партија“. Не дека не може. Туку дека не мора – пишува авторот и наведува дека кај нас сериозните партии во суштина се мајтап партии на чии лидери веројатно им е многу смешно кога добиваат гласови кои им носат вистински, реални функции со голем лукративен потенцијал. Тие, вели, не признаваат дека цело време се шегуваат со гласачите, небаре целиот народ го снимаат со скриена камера за да видат како ќе реагира додека го ставаат во незгодни, бизарни ситуации. Колумната во Фокус е илустрирана со фотографија на која еден земјоделец со вила и лопата на рамо поминува покрај една трошна селска куќа, која само што не се распаднала, но на нејзиниот дрвен чардак гордо стои македонското државно знаме, а зад него табла со латинични букви: „ДИСКО“.

Глобус - Мажино не е за маженца

„Мажино не е за маженца“ е насловена една колумна во Глобус насочена кон закочената работа во Собранието, каде што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со бескрајни говори и реплики го одолговлекуваат изборот на спикер и формирањето Влада од парламентарното мнозинство на довчерашната опозициона СДСМ. „Веќе ја немате довербата на народот“ – почнува авторката на колумната. „Немате ниту кредибилитет, ниту морален интегритет да се повикувате на народот, бидејќи мнозинството гласачи не е зад вас. Немате поддршка ниту од меѓународниот фактор кој во вас гледа рецидив на едно авторитарно и недемократско владеење. Она што сега го прават вашите пратеници во македонскиот Парламент е очајничка одбрана на последниот политички бастион на политичкиот фронт, а тоа е Мажино линијата која историски претставува симбол за неефикасна и пропадната одбрана“ – порачува, покрај другото, колумнистката во Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG